Нема врска помеѓу користењето мобилни телефони и зголемениот ризик од рак на мозокот, покажува новиот преглед на објавени докази од целиот свет објавен од Светската здравствена организација (СЗО).
И покрај огромниот пораст на употребата на безжични технологии, нема зголемен ризик од рак на мозокот, што важи и за луѓето кои остваруваат долги телефонски разговори, или користат мобилни телефони повеќе од една деценија, пренесува Ројтерс.
Конечната анализа опфатила 63 студии од 1994 до 2022 година, во кои учествувале 11 истражувачи од 10 земји. Трудовите ги проценуваа ефектите на радио зрачењето што го емитуваат мобилните телефони, како и телевизорите, мониторите за бебиња и радарите, рече Марк Елвуд, професор по епидемиологија на рак на Универзитетот во Окленд во Нов Зеланд и коавтор на студијата.
– Ниту едно од главните испитувани прашања не покажа зголемени ризици – рече тој.
Студиите го разгледаа ракот на мозокот кај возрасните и децата, како и поврзаноста на зрачењето со употребата на мобилни телефони, базни станици или предаватели. Посебно ќе бидат објавени ефектите од користењето мобилни телефони врз другите видови на рак.
СЗО и другите меѓународни здравствени тела претходно соопштија дека нема дефинитивен доказ за штетните здравствени ефекти од зрачењето што го емитуваат мобилните телефони, но побараа повеќе истражувања. Во моментов, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) го класифицира зрачењето на телефонот како „можно канцерогено“ или класа 2Б, што е категорија што се користи кога не може да се исклучи потенцијалната врска.