Пандемијата на Ковид-19 усмрти еден милион луѓе во светот од јануари, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи ги владите да ја забрзаат вакцинацијата бидејќи една третина од светската популација не е вакцинирана.
„Од почетокот на годината ја надминавме трагичната бројка од еден милион смртни случаи поради Ковид-19“, рече на прес-конференција генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој ги повика владите на сите земји да ги удвојат напорите за вакцинирање на сите здравствени работници, стари лица и загрозени лица со цел вкупната стапка на вакцинација да биде 70 проценти.
Тедрос изрази задоволство што само десет земји имаат стапки на вакцинација под 10 проценти.
„Но, имаме уште многу работа“, рече тој.
Според него, третина од светското население сè уште не е вакцинирано, вклучувајќи две третини од здравствените работници и три четвртини од постарите лица во земјите со ниски приходи.
Најновата статистика на СЗО покажува дека пандемијата на Ковид-19 е одговорна за 6,45 милиони смртни случаи ширум светот откако се појавија првите случаи на крајот на 2019 година во провинцијата Вухан, во Кина.