Новиот бран на сојот омикрон на коронавирусот, се шири кон источниот дел од Европа, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи ги Владите да ги зголемат програмите за вакцинација, како и за други мерки.
Изминатите две недели, бројот на заразени е повеќе од двојно зголемен во Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Русија, Украина, предупреди регионалниот директор Ханс Клуге.
Тој ја коментираше ситуацијата во период кога неколку европски држави, вклучувајќи ги Чешка и Полска, најавија укинување на ковид мерките, доколку и понатаму има пад на бројот на заразени.
Меѓутоа, СЗО тврди дека мерките, како на пример, брзото тестирање и носење маски континуирано, се потребни, но и дека досега на европскиот простор се регистрирани над 165 милиони заразени со Ковид-19, со 25.000 смртни случаи изминатата недела.
– Соочени со бранот од омикрон, а делта сојот и натаму се шири на Истокот, оваа загрижувачка ситуација не е време за укинување на мерки, знаеме дека тие делуваат во намалување на ширењето на Ковид-19, предупреди Клуге.
Тој ги повика Владите да ги истражат локалните причини за ниските стапки на вакцинација. Против Ковид-19, потполно е вакцинирано помалку од 40 отсто од лицата постари од 60 години во Босна и Херцеговина, Бугарија, Киргистан, Украина, Узбекистан.