Во извештајот на Светска здравствена организација (СЗО) се наведува дека е регистриран пад на новозаразени луѓе со Ковид-19 четврта недела по ред.
Од 1 до 7 февруари СЗО евидентирала 3.153.426 новозаболени луѓе со Ковид-19 во светот, што е за 17 отсто помалку од претходната недела и 88.369 починати од последици од вирусот, што е за 10 проценти помалку во споредба со претходните седум дена.
Во извештајот на СЗО се наведува дека од почетокот на пандемијата потврдени се вкупно 105.429.382 случаи на Ковид-19 и 2.302.614 смртни случаи.
Најголем пад на новозаболени е потврден во Африка (22 проценти), потоа следи Европа (19) и во Северна и Јужна Америка (17 отсто). Според региони во Африка е забележан пад од 30 проценти на смртните случаи, во Европа – 13 и во Северна и Јужна Америка – четири отсто.
Во периодот од 1 до 7 февруари најголем број на новозаразени со Ковид има во САД околу 871.000, потоа следат Бразил (приближно 328.000), Франција (околу 136.000) и Велика Британија (речиси 133.000).