Светската здравствена организација (СЗО) е загрижена поради забрзаното ширење на коронавирусот во Африка, бидејќи големиот број заразени во Јужноафриканската Република би можел да биде предупредување и за другите земји на тој континент.

Во Јужноафриканската Република се регистрирани 363.328 заразени, а директорот на здравствената кризна програма на СЗО, Мајк Рајан предупреди дека остатокот од континентот би можел да се соочи со истиот проблем доколку заедницата не им помогне.

Јужноафриканската Република според податоците на Институтот Џон Хопкинс се наоѓа на петто место во светот по бројот на инфицирани лица, а Рајан посочува дека само во последната недела се зголемил за 30 отсто.

Рајан изјави дека вирусот е непредвидлив и во некои случаи бројот на заразени се зголемува забрзано, некогаш забавува и тешко е да се открие зошто има такви осцилации.