Најмалку 40 монаси на Света Гора починале од Ковид-19. Oд вкупно 1.800 монаси, околу 1.000 се разболеле, а само 500 се вакцинирани, пишува грчкиот весник „Та неа“.
Игуменот од еден од манастирите, архимандритот Вартоломеј за весникот вели дека процените се дека над 40 монаси починале од Ковид-19, од кои двајца во текот на вчерашниот ден. Тој додава дека некои монаси се хоспитализирани и приклучени на апарати на интензивна нега.
Весникот пишува дека еден манастир е во карантин, додека два-три манастири се превентивно затворени за верниците. Меѓу постојаните жители на Света гора има и 400 монаси од Србија, Романија, Бугарија и Русија, кои категорично одбиваат да се вакцинираат и кога дел од нив се разболеле, побарале лекари од Белград, бидејќи не сакале лекување од грчки лекари.
Според „Та неа“, но и според натписите во грчките медиуми од изминатиот период за време на пандемијата, на Света Гора постојат постари монаси кои се категорично против вакцинацијата и се најгласни меѓу антиваксерите, а воедно, ги советуваат и верниците кои ги посетуваат дека не треба да се вакцинираат.
По изјавите на монах од Света гора дека постојат монаси-антиваксери кои со нивната реторика ги повикуваат верниците да не се вакцинираат, пред неколку дена реагираше Обвинителството во Солун и покрена истрага за евентуално ширење лажни вести.