Косовскиот претседател Хашим Тачи ја прими денеска раководителката на тимот за поддршка на Косово при американското Министерство за одбрана, Абигејл Робинсон, на која ѝ се заблагодари за неколкугодишната поддршка за трансформацијата на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово.
Како што јави МИА од Приштина, овој тим, според Тачи, ја поддржува трансформацијата на ФСК уште од 2014 година, по изготвувањето на новата Стратегија за безбедносниот сектор.
– Знаејќи ја решавачката улога на САД во НАТО, убедени сме дека процесот на интеграција на Косово во Северноатлантската алијанса ќе се одвива многу побргу, изјави Тачи.
Гостинката од САД, Робинсон нагласи дека од 1999 година за неа претставува чест и привилегија да работи со Косово и да помогне во процесот на државотворноста и создавањето на безбедносните структури на Косово.
– Среќна сум што работев во Косово и за Косово сиве овие години, изјави Робинсон.