Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани изјави денеска дека ЕУ веќе нема да прави отстапки за Велика Британија, откако британскиот државен обвинител Џефри Кокс не успеа фундаментално да го измени својот правен совет за ревидираниот договор за Брегзит на премиерката Тереза Меј.
Тајани истакна дека проблемите кои ги покрена државниот обвинител се „внатрешен проблем на Велика Британија“ и оти тоа нема да ја наведе ЕУ повторно да го разгледува договорот за Брегзит.
– Многу сме јасни. Невозможно е да го смениме ставот, истакна Тајани.
Британската премиерка Тереза Меј синоќа во разговор со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер успеа да обезбеди „правно обврзувачки“ промени во нејзиниот договор за Брегзит, во последниот обид да добие поддршка од британските пратеници кои се заканија дека повторно ќе го отфрлат договорот. Правно обврзувачкиот договор всушност е додаток на претходно постигнатиот договор меѓу Меј и ЕУ минатата година и предвидува заштитен механизам со кој се гарантира дека границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска ќе остане отворена и по излезот на Британија од ЕУ.
Кокс денеска рече дека изменетиот договор за истапување од ЕУ на Велика Британија не и дал правни средства за унилатерално напуштање на „бекстоп“ во случај на неуспех на трговските преговори.
Мислењето на Кокс е клучно за обезбедувањето на гласовите на евроскептичните пратеници од редовите на владејачката Конзервативна партија, пред вечерашното гласање за изменетиот договор. Дел од пратениците стравува дека „бекстоп“ би ја задржал Велика Британија врзана за ЕУ без временско ограничување.
Кокс денеска потврди дека и со изменетиот договор остануваат правните ризици, во случај на неуспех на трговските договори, Велика Британија да остане „на неодредено време и против своја волја“ под бекстоп, пренесува ДПА.
Опозициските лабуристи најавија дека вечерва нема да гласаат за изменетиот договор, бидејќи нема ништо од измените кои Меј ги вети пред парламентот.