Магазинот „Тајм“ оваа година одлучи неговата традиционална титула личност на годината да не припадне на една личност, туку на група луѓе што ги нарекува „архитекти“ на вештачката интелигенција (ВИ).
На една од двете насловни страници се прикажани раководителите на клучните технолошки компании: шефот на Нвидиа, Јенсен Хуанг, шефот на Мета, Марк Закерберг, сопственикот на X, Илон Маск, „кумот на ВИ“ Феи-Феи Ли, директорката на производителот на чипови AMD Лиса Су, директорот на стартапот Anthropic, Дарио Амодеи, директорот на OpenAI, Сем Алтман, и раководителот на лабораторијата за ВИ на Гугл, Демис Хасабис.
Ова значи дека изборот ја одразува неверојатната брзина со која вештачката интелигенција и компаниите што ја развиваат го менуваат светот.
Овој избор беше објавен во услови на глобалниот бум на ВИ што трае од лансирањето на ChatGPT кон крајот на 2022 година. Директорот на OpenAI Сем Алтман изјави во септември дека нивниот четбот се користи околу 800 милиони пати неделно. Технолошките гиганти инвестираат милијарди долари во развој на вештачка интелигенција и инфраструктура за да останат пред конкуренцијата.
Со ова, Тајм подготви две корици оваа година: уметничка илустрација на буквата AI опкружена со работници и слика на која се прикажани водечките личности од технолошката индустрија.
-Оваа година, дебатата за одговорното користење на вештачката интелигенција отстапи место на трката за примена на технологијата што е можно побрзо. Благодарение на Хуанг, Сон, Алтман и другите титани на вештачката интелигенција, човештвото се движи по автопатот, со полн гас и без сопирачки, кон високо автоматизирана и многу неизвесна иднина, се наведува во објаснувањето на Тајм.
Главниот уредник на Тајм, Сем Џејкобс, рече дека никој немал поголемо влијание врз 2025 година од „поединците кои ја замислиле, дизајнирале и изградиле вештачката интелигенција“.
-Човештвото ќе го одреди патот што ќе го следи вештачката интелигенција во иднина, а секој од нас има улога во одредувањето на нејзината структура и иднина, рече Џејкобс.
Не е прв пат „Личност на годината“ на „Тајм“ да не е поединец. Во 2014 година, титулата им припадна на борците против ебола, а во 2002 година на информаторите. Во 1982 година, списанието го избра компјутерот, наведувајќи дека Американците чувствувале „опиена страст“ за новата технологија, која Тајм ја опиша како „делумно тренд, делумно израз на надеж дека животот може да се подобри“.




