Американската армија денеска почна да прераспоредува 12 авиони ловци Ф-22 од базите во Велика Британија на Блиски Исток, јави „Тајмс оф Израел“ повикувајќи се на јавно достапните податоци за следење на летовите.
Авионите Ф-22 полетаа од РАФ Лејкенхит во Англија, а потоа им се придружија на авионите за полнење гориво KC-46 додека се упатуваа кон Блискиот Исток.
САД ги преместија авионите како дел од зголемувањето на воените сили на Блискиот Исток, додека американскиот претседател Доналд Трамп размислува дали да преземе воена акција против Иран.
По големите протести во Иран во јануари, Трамп постојано се закануваше дека САД ќе го нападнат Иран доколку двете земји не се согласат за нуклеарната програма на Иран.
Алијансата за воено следење на воздушниот сообраќај (Military Air Tracking Alliance) наведува дека десетици американски борбени авиони, вклучувајќи Ф-35, Ф-22, Ф-15 и Ф-16, се упатиле кон Блискиот Исток. Исто така се забележани десетина американски авиони за дополнување гориво и стотина авиони за транспорт на војници како летаат кон Блиски Исток.
„Вашингтон пост“ денеска објави дека минатите недели повеќе од 150 американски воени авиони се прераспоредени од бази во Европа во Блиски Исток.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати се закани со напади врз Иран. Тој пред четири дена изјави дека размислува за ограничени напади врз Иран.




