Британскиот „Тајмс“ наведува дека во дипломатските кругови постои сомнеж дека опцијата за воведување санкции ќе ја одврати Русија на Владимир Путин и ќе го обесхрабри од секој обид за инвазија на Украина.

Меѓутоа, британските официјални лица сметаат дека силната демонстрација на единство за време на самитот на Г7 во Ливерпул барем ќе го поттикне рускиот претседател добро да размисли.„Тајмс“, во извештајот на главниот уредник за политички прашања, Тим Шипман, наведува дека овие официјални лица веруваат дека Путин цело време ја тестира волјата на Западот и веруваат дека Вашингтон, по повлекувањето на своите сили од Авганистан, останал без сериозна желба за борба. Но, доколку знае дека Г7 и другите западни земји ќе дејствуваат како едно, тој ќе има помалку простор да ја води политиката раскарај па владеј.

Министрите за надворешни работи на Г7 го предупредија Кремљ на сериозни последици, вклучувајќи и остри санкции, доколку Москва преземе дополнителни воени чекори против Украина.-Тоа што треба да направиме е да ја одвратиме Русија од оваа акција. За Русија тоа ќе биде стратешка грешка да го направи, изјави британската министерка за надворешни работи Лиз Трус пред почетокот на самитот во сабота.„Состанокот на Г7 го покажува единството меѓу големите економии кои имаат исто мислење дека ќе бидеме апсолутно силни во нашата позиција против агресијата врз Украина“, додаде таа.

Исфрлање од меѓународниот банкарски платен систем

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела разговараше со Путин, отворено предупредувајќи ја Москва дека западните земји се подготвени да воведат економски санкции на клучните режимски фигури и што е најважно, да ја исфрлат Русија од меѓународниот банкарски платен систем, што може да ја загрози способноста на земјата за тргување.Велика Британија и САД, исто така, се залагаат за суспендирање на гасоводот „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија и ги предупредија земјите од Европската унија да не ризикуваат да станат премногу зависни од желбите на Москва.

-Итно треба да ја намалиме зависноста од рускиот гас и енергија. Ова мора да биде дел од сеопфатната стратегија за да се намали зависноста од злонамерните актери и да се осигури дека слободниот свет ќе може да ја има стратешката независност што му е потребна за да опстане и да напредува, рече Трас.„Тајмс“ нагласува дека пристапот на британскиот министер за надворешни работи во овој контекст се заснова на соработка со другите демократски држави, и обидот да ги искористи западните бизниси и финансии за да ги отстрани неврзаните земји од кругот на руското влијание или кинеското финансирање.

(The Times, Лондон)