По изгласувањето на Законот за ратификација на Договорот од Преспа и очекувањето да добие зелено светло и во грчкиот Парламент, во Македонија полека фокусот на збиднувањата се префрла на претседателските избори кои, најверојатно, како што најави собранискиот спикер Талат Џафери ќе бидат распишани на 8 февруари.

Според Џафери, 8 февруари е крајниот рок за распишување на претседателски избори, кои најверојатно ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

Ако во првиот круг на гласање ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список, се организира втор круг на гласање на кој учествуваат двајцата кандидати со најголем број освоени гласови.

За избран во вториот круг се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, под услов на гласање да излегле најмалку 40 отсто од запишаните избирачи, односно околу 720.000 гласачи. Тоа е потребниот цензус.

Доколку ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство гласови ни во вториот круг на гласање, се повторува целата изборна постапка.

Тоа значи дека претседателот на Собранието на РМ во чија надлежност е распишувањето на изборите, треба да ја отпочне постапката со носење на одлука за распишување на избори за претседател на РМ.

Мандатот на претседателот Ѓорге Иванов истекува на 12 мај.

Сè уште не се знае кој ќе се кандидира за претседател?

Досега ниту една политичка партија не излегла со свој кандидат за претседател на Републиката,иако по зачестените настапи во јавноста и по медиумите од одредени политичари се гледа дека покажуваат интерес да се вклучат во трката за „татко на државата“.

Премиерот Зоран Заев изјави дека околу десетина имиња се во игра за кандидат за претседателските избори на СДСМ.

-Мислам дека повеќе од десеттина имиња се истражуваат – Македонци, Албанци, Турци, Срби, повеќе имиња истражуваме, за да видиме како размислуваат граѓаните… Најприфатливото решение, впрочем би значело максимално консензуално прифатливо решение. Консензуален, во Македонија значи, сите да застанеме зад него, вели Заев.

Најави дека СДСМ на своите највисоки органи и тела ќе го дискутира и затвори ова прашање, а потоа јавноста ќе биде запознаена со нивната одлука.

Тој вели дека ќе овозможат избор на личност за претседател на државата со идентични стратешки интереси на мнозинството на граѓаните на нашата земја. Претседателка или претседател што, со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе работи на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Претседател-ка, како што посочува Заев, што е противник на поделбите и омразата и што ќе ја промовира Македонија како праведна земја, дел од глобалниот свет.

На иста линија со премиерот Заев за консензуален кандидат за претседател е и владиниот партнер – ДУИ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека нема да ги бојкотираат претседателските избори, туку напротив ќе учествуваат и ќе победат на истите.

ВМРО-ДПМНЕ објави јавен оглас за пријавување кандидатури за избор на претседател на државата, што ќе биде отворен до 31 јануари. Претседателскиот кандидат ќе го бираат 550 делегати на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со тајно гласање. За избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев вчера прв објави дека се кандидира на огласот во неговата матична партија за изборот на нивни кандидат за претседател на државата.

-Објавувам и кажувам дека се кандидирам за претседател. Имам искуство, мотивација, знаење, чесност и лојалност. Ја знам цела Македонија и ќе појдам во секој град, секој дом, кај граѓаните на република Македонија и ќе ја побарам вашата доверба зашто се надевам и мислам дека сум ја заслужил, рече Ѓорчев на прес-конференцијата во Собранието.

Досега како можни кандидати на СДСМ во јавноста се споменуваат имињата на Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска,  Оливер Спасовски, Денко Малевски. Како можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ,покрај Влатко Ѓорчев, се споменуваат и Антонио Милошоски, Трајко Славески, Гордана Силјановска, Зоран Ставрески, а од албанскиот политички табор се споменува името на поранешниот кандидат Имер Селмани.

ДИК подготвена за организирање и спроведување на шестите шретседателски избори

Од Државната изборна комисија за МИА потврдија дека како највисок изборен орган се целосно подготвени за организирање и спроведување на претстојните избори за претседател на Република Македонија.

-Периодот од октомври досега го искористивме за евалуација на сопственото работење за време на спроведениот референдум на државно ниво, и врз основа на наодите веќе се спроведени и одредени подготвителни дејствија за претстојните избори. Веруваме дека тие ќе доведат и до унапредување на работата на Државната изборна комисија, изјави за МИА портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

На шестите претседателски избори ќе се гласа по стариот начин, со ултравиолетова лампа и спреј, како превенција од можни злоупотреби.

Според првичните проценки од ДИК, за претседателските избори ќе бидат потрошени околу пет милиони евра. Најмногу, околу три милиони евра ќе бидат наменети за надоместоците за избирачките одбори, а останатите за транспорт и изборен материјал.

Изборниот законик предвидува државјаните на Република Македонија на привремена работа или престој во странство, односно дијаспората како што популарно се нарекува, да гласаат на изборите за претседател на Република Македонија.

-Гласањето се спроведува во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство еден ден пред денот определен за избори. За да можат да го искористат своето избирачко право во странските држави, нашите државјани ќе треба да поднесат пријава за гласање во странство. Секако, Државната изборна комисија навремено ќе го објави јавниот повик со сите детали околу процедурата на пријавување, вели Гугучевска.

Изборната кампањата на кандидатите за претседател на Република Македонија започнува 20 дена пред денот на изборите, а и во првиот и во вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на самиот ден на изборите.

Паралелно со претседателските избори, во април годинава, во општините Дебар, Охрид и Ново Село, со кои раководат в.д. градоначалници ќе се одржат и предвремени локални избори, иако деновиве се актуализира и можноста за организирање и на предвремени парламентарни избори. Тоа е, пред се, барање на опозицијата, особено по усвојувањето на Договорот од Преспа во македонскиот Парламент и спроведените уставни измени, а ова аиницијатива засега нема поддршка од владеачкото мнозинство.

МИА