Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески осуден во случајот „Транспортер“, кој против него и уште 20 лица го покрена СЈО.
Со пресудата, Талески е осуден на 8 години затвор, а предметот се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
-Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република …. Македонија на седницата одржана на ден 26.06.2023 година одлучуваше по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2 бр.6/23 познат во јавноста како „Транспортер”. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република …. Македонија донесе пресуда КВП-КОК2 бр.6/23 со која барањата на осудените В.Т. и С.Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, ги одби како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ.Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, го отфрли како недозволено, стои ви соопштението на Врховен.
Поранешниот градоначалник на Битола заедно со секретарот Слободан Бончановски, се правосилно осудени за злоупотребите во случајот „Транспортер“ со бесплатниот школски превоз. По маратонското судење кое траеше неколку години, Талески најпрво беше осуден на осум години затвор, а Апелација му ја намали казната на седум години. Тој помина три години во домашен притвор, по што во јануари годинава почна да ја отслужува казната во КПУ „Прилеп“, па така за издржување казна затвор му останаа уште четири години.
Исто толку години во домашен притвор помина и Бончановски, кој беше осуден на шест и пол години затвор, но како и Талески и тој од Апелација доби намалување на казната во траење од една година.