Талибанците денеска го зазедоа првиот главен град на една авганистанска провинција и убија водечки медиумски и информациски претставник на авганистанската влада во Кабул, што се толкува како двоен удар за властите поддржани од Западот.
Портпаролот на полицијата во северната провинција Нимроз изјави дека главниот град Зарањ паднал во рацете на исламистите поради мал број владини сили.
Странските војници го завршуваат повлекувањето од Авганистан, а талибанците ги засилија нападите за да ја поразат владата поддржана од САД.
Талибанците во последните месеци окупираа десетици окрузи и гранични премини и притиснаа неколку провинциски главни градови, вклучувајќи ги Херат на запад и Кандахар на југ.
Зарањ е првиот провинциски главен град што го освоија бунтовниците откако САД се договорија со талибанците за повлекување на американските сили во февруари 2020 година.
Локален извор рече дека талибанците ја презеле канцеларијата на гувернерот, полициското седиште и кампот во близина на иранската граница. Талибански извори рекоа дека групата го слави воениот успех и дека падот на Зарањ ќе го подигне моралот на нивните борци во други провинции. Талибанскиот командант, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Зарањ е од стратешка важност бидејќи е близу до границата со Иран.