Талибанците денеска од Техеран порачаа дека ќе продолжат со нивната „битка и џихад“ доколку странските трупи не се повлечат од Авганистан до мај 2021 година, како што е договорено со САД, пренесоа француските медиуми.
Делегација предводена од нејзиниот коосновач, Мула Абдул Гани Барадар, минатата недела пристигна во главниот град на Иран на покана од Министерството за надворешни работи и вчера се сретна со министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.
-Останувањето на војниците по 14 месеци, без разлика дали се американски или НАТО, ќе значи продолжување на окупацијата на Авганистан, рече на прес-конференција Сухаил Шахин, член на преговарачкиот тим на движењето.
Вашингтон лани во февруари во Доха склучи договор со талибанците за почеток на повлекувањето на трупите во замена за безбедносни гаранции од џихадистите и заложба за почеток на мировни разговори со авганистанската Влада.
-Ние веќе 20 години се боревме против окупацијата. Затоа, во овој случај, ние сме принудени да ја продолжиме нашата битка и џихад, додаде Шахин.
САД во оваа земја се уште имаат околу 2.500 војници, откако пред една година таму имаа стационирано речиси 13.000.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани во петокот го повика новиот американски претседател Џо Бајден да изврши притисок врз талибанците и да го избегне брзото повлекување на повеќето американски војници. Неговиот повик дојде неколку дена откако администрацијата на Бајден соопшти дека има намера да го ревидира минатогодишниот договор меѓу администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп и талибанците.
-Доколку сакаат да направат повторна проценка, можат, но мора да останат посветени на договорот, рече Шахин.
Авганистанската Влада ги обвинува талибанците за немањето напредок во мировните разговори што почнаа минатиот септември и продолжија на почетокот на јануари во Доха