Авганистанските студентки ќе треба да носат црни абаја (фустани) со никаб кој им го покрива лицето и ќе посетуваат настава во училници наменети само за девојчиња.

Се во согласност со одредбата издадена од новиот режим на талибанците пред повторно отворање на приватните универзитети во земјата. Студентките кои посетуваат приватни факултети ќе мора да ги напуштат училниците пет минути пред нивните машки колеги и да причекаат во чекалниците додека тие не ги напуштат училниците, се прецизира во указот објавен од Министерството за високо образование во саботата.

Факултетите ќе мора „да најдат професорки за да им предаваат на студентките“ или ќе треба да ангажираат „постари професори мажи“ чии морални принципи се тестирани, според прописите.

Кога Талибанците првпат дојдоа на власт, помеѓу 1996 и 2001 година, скоро на сите девојки им беше забрането да учат. Беше задолжително да се носи бурка, која целосно ја покриваше главата, лицето и телото, а очите на жената беа покриени со мрежа.

Абаја, која сега ќе треба да ја носат студенти на приватни факултети, е широк и долг фустан што го покрива телото.

Никаб го покрива лицето и ги остава очите отворени.

Луѓето од Авганистан, како и меѓународната заедница, се уште се сеќаваат на бруталноста на исламистичкото движење, кое се обидува да покаже поумерено лице по враќањето на власт.

Пред враќањето на талибанците на власт, студентките од Авганистан можеа да посетуваат настава во мешани часови и да присуствуваат на предавањата што ги одржаа професори.