Талибански претставници денеска потврдија дека присуствувале на тридневен состанок во Катар со американска делегација предводена од Залмај Кализад.
Состанокот во Доха каде талибанците имаат политичка канцеларија, се одржал од средата до петокот со цел „изнаоѓање мирно решение за проблемите во Авганистан“, изјави Забихулах Муџахид, портпарол на талибанците.
Тој додаде дека се работело за воведни преговори и не е постигнат договор. Негираше и медиумски наводи дека милитантите сакаат да воспостават влада.
Американската влада му даде задача на Кализад да се состане со талибанците за да се одржат мирни преговори. Тој синоќа изјави дека е „внимателно оптимистичен“ за прашањето на постигнување мир меѓу милитантите и владата пред одржување на претседателските избори во април.