Во рамки на платформата во Владата – „100% посветени за тебе“ посветена на ресорите здравство и социјална политика, министерот за здравство, д-р Арбен Таравари во одговор на поставено прашање истакна дека веќе има интерес од доктори што работат во приватните клиники да се вратат во јавното здравство.
Претходно имаше забрана за преминување на доктори од приватно во јавно здравство, но веднаш по моето назначување, на предлог на Министерството за здравство, Владата донесе одлука да се укине таа забрана. Во постапка е изготвување упатство за начинот на преземање од ПЗУ во ЈЗУ. Оваа мерка е посебно фокусирана на специјалисти, како што се: фармацевти, стоматолози, анестезиолози, радиолози, но само доколку директорот на клиниката ни каже дека има потреба од тие кадри, информираше министерот Таравари, кој додаде дека целта е ова да стане практика што ќе се применува и во следниот период.
На прашањето за активностите кои ги презема Министерството за превенција од рак на дојка, министерот посочи дека токму за одбележување на месец октомври како месец посветен на борба против ракот на дојка, почна национална кампања под мотото „Октомвриски розов караван–превенцијата најдобра заштита“, која се одвива во рамки на Програмата на Министерство за скрининг и рана детекција на рак на дојка.
Во рамки на кампањата се одржаа повеќе јавни трибини и едукативни сесии низ целата земја, со врвни експерти од оваа област. Централната трибина се одржа минатата сабота во Скопје, во Сити Мол, како панел дискусија, на која едукативно предавање имаа членовите на националната комисија за скрининг на рак на дојка, рече министерот.
„Имајќи предвид дека човечкиот потенцијал е носечки столб на секој здравствен систем, на предлог на Министерството за здравство, Владата ја донесе мерката за вработување приватни специјализанти (300+300). Покрај оваа мерка, правиме напори да овозможиме и вработување на уште 1.200 лица“, посочи министерот.
Министерот Таравари истакна и дека по повеќе од 10 години застој е ажурирана позитивната листа на лекови за 9 нови генерички лекови, односно 87 лека во различни форми, а во континуитет се разгледуваат пристигнатите апликации од фармацевтските компании и се очекува во следниот период Листата да биде проширена со нови категории лекови.
„Токму за оваа мерка, како Влада добивме пофалба од регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге, во рамки на 74. регионален состанок на Светската здравствена организација во Копенхаген“, истакна министерот.
Веднаш е пристапено и кон решавање на уште еден долгогодишен проблем во здравството – укинување на позицијата економски директор, со цел намалување на непотребните трошоци и подобрување на ефикасноста во управувањето со здравствените установи. Покрај наведените затекнати проблеми, министерот потсети за повеќе реализирани инфраструктурни проекти во јавните здравствени установи, како и инвестиции во нова медицинска опрема.