Министерот за здравство Арбен Таравари на својот профил на Фејсбук објави дека вчера ненадејно колабирал, и дека бил итно пренесен во болница.
Тој рече дека во моментов се чувствува добро, ги демантира шпекулациите кои кружеле вчера дека доживеал срцев удар, и вели дека ги чека анализите од докторите.
„Вчера кружеше веста дека сум доживеал срцев удар. Бидејќи отсекогаш сум ја споделувал вистината со вас, ви кажувам што се случи. Доживеав ненадеен колапс и итно ме однесоа во болница. Сè уште сум под опсервација бидејќи моите колеги сè уште немаат донесено никакви заклучоци. Сепак, добро сум, со семејството и ќе ги чекаме одговорите на лекарите. Би сакал да ви кажам дека не очекував толку голема грижа и добрина од вас. Ви благодарам од сè срце!“, напиша Таравари на својот профил на Фејсбук.
Некои медиуми објавија и дека Таравари бил итно примен на кардиологија.
Но, Таравари по вчерашниот колапс е во добра состојба во неговиот дом, потврдија денеска за МИА извори од Министерството за здравство.
– Министерот е во добра состојба, добар е, дома е, одмара. Тој е во најдобра можна состојба. Не е во болница, дома е. Вчера беше прво на Неврологија, па на Кардиологија, па во Рентген институтот и потоа си замина дома. Ги направивме сите можни анализи, сѐ е чисто, сѐ е добро. Просто е – премор, појаснија од Министерството за здравство за МИА.