Решението на проблемите се состои од два збор, техничка влада, вели
потпретседателот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар.
Тој во освртот на актуелната политичка состојба, објавен на неговиот фејсбук профил, за надминување на состојбата во Македонија, бара итно формирање техничка влада.
– Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните, пишува Таравари.
Тој во оценката каде е потребна стручна интервенција како жаришта ги посочува корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и администрацијата.
Таравари оценува дека сме мали во географска смисла, но „гиганти“ во однос на корупцијата.
– Економијата ќе земе здрав здив само ако соодветно се „таргетираат“ овие пет невралгични точки, бидејќи на Македонија не ѝ недостигаат пари туку транспарентност. Парите на народот одат на сметка на една мала група, па така градовите имаат по 4-5 газди, а останатите се слуги или непријатели на дворот, коментира Таравари.
Според него, техничка влада ќе мора како приоритет за излез од кризата на историските дилеми да работи на усогласување на владиниот и ЕУ – календарот и во неа да членуваат експерти од нивните области без политички врски.
– Токму во такво „руво“ Владата би дала пример за сите други, идни влади, работејќи и не очекувајќи пофалби и комплименти, туку успешно завршувајќи ги своите задачи. Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти, заклучува Таравари.