Поради високиот процент на пациенти, од вкупниот број во земјава кои се третираат на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, пациентите ќе мора да поминат филтер пред да стигнат до оваа здравствена институција, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари, при посетата на болницата во Велес. Тоа била стратегија за здравството подготвена од Европската Унија (ЕУ), Светската здравствена организација (СЗО) и македонски стручњаци која дополнително треба да се усвои.
„Клинички се болниците во Тетово, Штип и Битола, плус Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ во Скопје. За некој пациент да дојде до Клинички во Скопје, треба да ги мине овие филтри од овие четири болници. Ни се случува 60-70 отсто од здравствените услугите, пациентите да ги добиваат на Клинички центар. Тоа не е нормално. Затоа ни требаат овие клинички болници, регионализација. Пред да стигне до Клинички, пациентот ќе треба да оди во една од овие четири болници. Не е можно во блиски градови да ги имаме сите специјалности. Не може во Тетово и Гостивар да ги имате истите специјалности, исто е и во Охрид и Струга, и во Велес и Штип. Тоа е луксузно здравство, оти сѐ повеќе ќе ни недостигаат доктори, сестри“, рече Таравари.
Тој кажа и дека додека не се завршат болниците во Штип и Кичево, за кои имало заинтересирани страни од повеќе држави да ги продолжат градежните работи, дури потоа ќе се размислува за изградба на нов Клинички центар во Скопје.
Што се однесува до модуларните болници, тој истакна:
„Генерално модуларните болници се пренаменуваат. Но, не во болници, туку може да се користат за амбуланти или за други објекти потребни на другите министерства. Министерството за здравство не ги планира, тоа ќе си решат болниците, за каква намена. После настанот од Тетово, откако 15 пациенти познато е како завршија, тие болници не смееме да помислиме да ги активираме, да ги користиме за времени објекти за болници“ , кажа Таравари.
Тој одговори и дека од денес лекот „оземпик“ веќе го има на Клиниката за ендокринологија, откако 10- 15 дена не беше достапен за пациентите со дијабетес. Дополни дека годинава 200 нови пациенти ќе се третираат со овој лек.
Ветувањето за повисока капитација за приватните доктори на 100 денари, кое беше најавено за први април, министерот рече дека ќе се реализира.
„Сигурно ќе биде. Во април ќе се покачи, а останува дали ќе важи од први мај или први јуни. Размислуваме дали ќе има разлика на капитацијата за семеен доктор и за фамилијарен доктор“, додаде Таравари.
При посетата на Велешката болница, Таравари предаде за користење два нови апарта: артроскопски столб со 4К резолуција кој нуди побрзи и поквалитетни ортопедски и трауматолошки процедури за операција на зглобови, како и хирушки тулиум ласер за операции на простата и калкулоза во уринарен тракт.