Јас очекувам да влезам во вториот круг, а кој уште ќе биде со мене, тоа не го знам. На овој начин одговори Арбен Таравари, кандидат за претседател на ВРЕДИ, односно здружената албанска опозиција, на прашањето што очекува од претседателските избори. Негов соговорник во истата емисија беше уште еден кандидат за претседател, Максим Димитриевски. Таравари му посака среќа и рече дека би сакал во вториот круг да се соочи токму со него, но вели анкетите покажуваат дека Силјановска-Давкова води.

-Ќе видиме, јас не знам. По анкетите изгледа дека госпоѓата Силјановска води, но повторно не се знае, кампања си е кампања.
-Значи вие не верувате дека Димитриевски нема да влезе во втор круг.
-Јас би сакал Димитриевски да влезе во втор круг.

Но, и Максим Димитриевски, како кандидат на новоформираната партија ЗНАМ е убеден дека ќе влезе во вториот круг и се надева на победа, за како што вели да ги исправи сите грешки и неправилности. Порачува дека досегашниот претседател Пендаровкси, не направил ништо сериозно, освен што не го потпиша указот за измените на Законот за игри на среќа, кој го форсираше ДУИ во Собранието.

„Единственото нешто што се обиде да прикаже дека сака да направи нешто нашиот претседател е со овој закон и сериозно му се замери од страна на ДУИ. Сето тоа и и е јасно на јавноста. Инаку претходно да постапуваше Пендаровски, така како што треба и во делот на казнениот закон и во делот на Францускиот предлог, тој денес ќе ја имаше мојата поддршка, како што некогаш ја имаше, а не денеска да има пред себе еден друг сериозен против кандидат“, вели Димитриевски.

Партите на Арбен Таравари и Максим Димитриевски ќе учествуваат и на парламентарните избори кои ќе се одржат на 8-ми мај заедно со вториот круг од претседателските избори. Веројатно бројот на освоени гласови во првиот круг од претседателските избори ќе им даде појасна слика околу тоа колку пратенички мандати би освоиле, секако Таравари во коалиција со ВРЕДИ, а Димитриевски со неговата партија ЗНАМ.