Во ова решение кое е објавено еден месец откако беше укината првостепената пресуда, судиите се сомневаат за тоа колку телефонски броеви биле прислушувани без судска наредба и во кој временски период. Тие сметаат дека во првостепената пресуда на едно вештачење стоело дека се следени 6741 телефонски броеви, додека на друго имало три бројки на прислушувани граѓани со вкупен збир од 4615 броеви.

-Очигледно е дека постои противречност помеѓу констатациите на вештото лице по однос на бројот на корисниците чии комуникации биле следени и временскиот период во кој истите биле следени, со оној што им се става на товар на обвинетите, односно време на сторување на кривичното дело според обвинението е периодот од 2008 до 31.12.2015 година, а вештото лице го опфатил и периодот до 16.12.2016 година, што е надвор од временскиот период што им се става на товар на обвинетите со поднесеното и на главна расправа прецизирано обвинение, а кој период е прифатен за утврден и од страна на првостепениот суд. – стои во образложението на Апелација и се наведува дека понискиот суд ќе треба да утврди дали било прислушувано и надвор од УБК, како што тврди одбраната.

Апелациониот суд го прифатил и тврдењето на обвинетите дека вештачењето не може да утврди пазарна цена на уништените апарати за следење затоа што таква опрема немало на слободниот пазар.

-Со оглед дека постои контрадикторност помеѓу двете вештачења преку распит на вештите лица првостепениот суд не извршил усогласување по однос на основот и вредноста на уништената опрема, а од друга страна прифатил дека сите вешти лица се едногласни дека сметководствената вредност на опремата изнесува еден денар, кое нешто дополнително ја прави пресудата нејасна и неразбирлива – стои во образложението на скопска Апелација,.

Се уште се чека кога ќе биде закажано повтореното судење за овој предмет кој ќе го води судијата Илија Трпков. За него ќе биде предизвик да се заврши навремено без да му застарат делата на Мијалков. Впечаток во одлуката на Апелација остава тоа што во неа судиите им преопрачуваат на колегите од Кривичен да внимаваат затоа што постои опасност од застарување на делата.

Нешто за што претходно судскиот совет укажа дека судии предводени од Јани Нича и известителот Енвер Беџети всушност го држеле предметот неоправдано долго пред да одлучат со што директно придонесуваат „Тврдина таргет“ да се движи кон застарување.

Извор: Канал 5