Цената на корупцијата во Македонија е голема, а ја плаќаме сите ние, граѓаните кои се уште не се иселиле и решиле да останат својата иднина да ја градат на ова парче од земјината топка кое многумина го нарекуваат црна дупка или сега во поново време, заробена држава. Во заробена држава полека се распламтува желбата и потребата за правда и создавање на општество без корупција.

Ова го истакна Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија во нејзиното обраќање насловено „Корупцијата со разорувачко и животно загрижувачко дејство“ на денешната конференција: Исполнување на ветувањето за проширувањето на ЕУ – 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа.

Транспаренси Интернешнел Македонија и членките на Платформата за борба против корупцијата бараат решителност во борбата против корупцијата. Ги повикуваат граѓаните масовно да почнат да пријавуваат случаи на корупција, а од сите учесници на идните избори да презентираат јасна платформа која ке биде заснована на видливи резултати и волја за борба против корупцијата.

– Корупцијата како кривично дело не треба никогаш да застарува, а корумпираните да немаат можност да управуваат со државата и нејзините институции, побара Тасева.

Таа се осврна на две вести објавени на 3 и на 11 декември 2019 година, за тоа дека македонските средношколци се најлоши од сите во регионот и другата дека нашата држава е на дното по квалитет на живот во регионот, на 82-ро место на листата на која Србија е на 63-то место, Албанија на 69-то Босна и Херцеговина на 75-то место.

Овие состојби, оцени Тасева, се резултат од ендемската и системска корупција која има разорувачко и животно загрижувачко дејство од повеќе аспекти.

– Корупцијата прави да имаме лошо образование, лошо здравство, најзагаден воздух, лошо судство, Собрание кое се грижи само за интересите и потребите на партиите, трошење на парите од буџетот без контрола, празни иснтитуции за ревизија и контрола, лоша и партиски контролирана економија, банкарски сектор кој не ги почитува правилата за банкарско работење, нема и невидлива Народна Банка, јавно обвинителство кое нема капацитет за да исполни својата законска улога, недостаток на владеење на правото, рече во обраќањето Тасева.

Според неа, се погласни се барањата на граѓаните да се стави крај на корупцијата, а корумпираните да одговараат за своите дела.

Додаде дека посебно ова е резултат на состојбите со Специјалното јавно обвинителство и недостатокот од политичка волја за реформи во судството и за донесување на законот за јавното обвинителство.

– На граѓаните се повеќе им пречат самоволијата на судиите кои носат одлуки без образложение и без докази, на судството кое таквите одлуки ги допушта и со тоа се создаваат многу неправди, а во глобални рамки се и понатаму се губат сите вредности на кои треба да се засновува едно општество, посочи Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија во обраќањето на конференцијата по повод Светскиот ден за борба против корупцијата.