Виолета ГЕРОВ

Знам дека поетот е чудак кој го оформува сопствениот свет. Но, тој, сепак, живее во реалниот свет кој е полн се суровости и неправди, кои, за жал, не можат да се исправат со поезијата. Тешко е да се пишува во услови кога не ти го признаваат јазикот, писмото, историјата, државата. Јас тоа не можам да го прифатам бидејќи не можам да се уништувам самиот себе. Дали некој друг тоа го прифаќа тоа е негова работа, но не сакам тоа да ми се прави мене.

Ова го истакнува во разговор за МИА, Братислав Ташковски, реномиран македонски поет и книжевник, кој е еден од номинираните автори за државната награда „23 Октомври“.

– Јас цел живот сум го поминал во пишување. И како писател и како новинар секогаш сум се борел за вистината. А, вистината е едноставна: Мојот јазик е македонски, на него сум напишал триесeтина книги и стотици новинарски текстви и друг јазик немам. Затоа не ми е сеедно кога некој упорно се бори да ме разубеди во тоа. Тоа едноставно не е можно. Втората работа на оваа жестока репресија врз мене е името на Мојата држава. Веќе кажав, роден сум во друга држава (административно) и сум сведок како Македонија го менувала името. Тоа, за жал, се случува и денес. И затоа се радувам дека сега ја живееме нашата реалност која дава отпор на тие притисоци. Во тоа мора да победиме. Јас ја признавам новата реалност, административен поданик сум на новото име, даночен обврзник, но никогаш нема да бидам човек кој се откажува. Мојот јазик е македонски, а мојата држава е Македонија. Таа за мене никогаш нема да биде ономастичко табу, вели Ташковски.

Со државната награда „23 Октомври“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Северна Македонија. Во прилогот кон иницијативата за номинирањето на Ташковски за оваа престижна награда чии потписници се Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје- институција каде неодамна се пензионираше како библиотекар после многу години работа на популаризација на книгата, особено на македонската книжевност, како и угледниот романсиер Венко Андоновски ќе посочат дека станува збор за исклучителен поет, писател, културен деец и македонољуб кој со својата плодна работа ја задолжил македонската култура и општество.

– Братислав Ташковски е канонски автор за македонската книжевност, влезен во проектот на МАНУ „Епохата на Коески“ како канонски поет на XX и XXI век. Тој е жив класик на македонската книжевност. Ташковски, со своите 21 книга поезија на македонски, со преводите на странски јазици, со пет драми и пет романи, е поет и книжевник од европски формат. Тој е човек кој и со професионалната, новинарска и организационо-културна кариера ги задолжил македонската култура, македонското општество и воопшто, македонскиот национален идентитет со вредности кои далеку ги надминуваат можностите на поединец и одговараат на постигнувањата на цела една културна институција, стои во иницијативата.

Братислав Ташковски е полиграф: се има реализирано во сите традиционални книжевни родови – лирика, епика и драма. Тој е поет, романсиер, драмски писател, есеист и новинар. За две години ќе одбележи четири децении редовна и извонредно успешна книжевна активност.

Роден е на 11 септември 1960 година, во Скопје. До сега објавил 21 стихозбирка на македонски јазик, со своја препознатлива, автохтона поетика и естетика. Објавени му се и неколку поетски избори на повеќе странски јазици, а негови песни се објавувани во речиси сите важни антологии во странство. Со делови од неговото поетско творештво е преведен на шведски, турски, црногорски, романски и руски јазик.

Автор е на пет романи, меѓу кои и „Расцепен ум“ (2011), според кој е снимен играниот филм „Златна петорка“, посветен на стреланите струмички студенти. Потоа на книгата есеи Линија на усвитеност (2000), како и на сценариото за документарниот филм „Кој го кодошеше Ристо Шишков?“

За неговата исклучително богата писателска кариера ги освоил сите наши важни книжевни признанија: „Студентски збор“, „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Ацо Шопов“ , „Антево перо“ како и Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, признанието „Поетска ноќ во Велестово“ и признанието „Битолски книжевен круг“.

Од 1999 до 2002 година Ташковски бил претседател на Управниот одбор на поетската манифестација Струшки вечери на поезијата. Тој е и покренувач и главен уредник на списанието за книжевност и култура АКТ, кое играше важна културна мисија.

Најголем дел од неговиот работен век го помина како новинар. Беше уредник во Република, првиот независен деневен весник во земјава и директор и главен уредник на политичкиот неделник „Македонско дело“. Со својата новинарско-публицистичка дејност, Ташковски учествуваше во создавањето на неопходните општествени и културни вредности од прогласувањето на независноста на државата.

Како ги оценувате состојбите во македонската книжевност денес?

– Јас и мојата генерација сме родени, образувани и оформени како личности во една друга држава. Таа наша некогашна држава секогаш беше “зовриен котел“, но сепак се почитуваа правата и достоинствата на сите народи кои живееја во неа. Посебно културните и духовните столбови на постоењето. На полето на книжевните вредости имаше многу аномалии. Преовладуваа т.н. заеднички културни јадра. И тие “јадра“ во македонската книжевност ја етаблираа неизбежната „белградоцентричност“. Така се создаде плејада македонски југословенски автори. Тие автори денес ги нема и никој не се сеќава на нив. Таму немаше вредност, имаше само подаништво. Има примери кои зачудуваа – македонски автори беа повеќе преведени од нобеловецот Андриќ. Но, тоа беше реалноста и некои добро ја профитираа.

Денес во македонската книжевност се случува истата работа, само што коцките се измешани. Белградоцентричноста е заменета со Бриселоцентричноста, а актерите се исти. Гладните македонски писатели за слава галопираат низ новото вредносно безредие. Јадрата се заменети со некаков европски систем на вредости и тој систем ја гази нашата книжевност. Но, сега многу поопасно. Во Југославија барем не се чепкаше во јазикот, писмото, идентитетот. Денес, за да бидеш „европски“ треба многу работи од твоето постоење и државните инсинги да ги заборавиш.

И тие нови вредости се генерираат и го заболуваат македонското културно ткиво. Работата е едноставна – една книжевност е позната по јазикот и ако тој го нема ја нема и неа. Се додека не измислат „европски“ јазик, не можеме да зборуваме за европска книжевност.

Но, јас не сум европоскептик, книжевноста на Европа (европските држави) е столб на сите уметнички вредости. Кој може да го замисли светот без големата поезија на Франција, Германија, Италија. Шпанија, Полска… Овде можам да набројувам многу држави и јазици и тие се светското богатство и темел на моето книжевно образование.

Тоа е таа Европа што јас ја сакам и почитувам.

Дали квантитетот во издаваштвото е проследен со квалитет или како гледате на книжевната продукција, дали ја има доволно, дали се чита повеќе и колку ги исполнува аршините за квалитетна литература, за квалитетна поезија?

– Многу работи се изместени во нашата држава. Во книжевноста тоа е многу присутно. Има продукција, но има и претерувања. Во таква една атмосфера вредностите се оставени на страна и е дадено предност на професијата, на присутноста, на популарноста… А тие атрибути немаат некоја тесна врска со квалитетот на напишаното. Велам напишаното, не објавеното, зошто денес секој може да објави што сака. Па така гасне оганот, се губи страста. Посебно во поезијата. Поезијата никогаш не била моден подиум или фестивалска писта. Вистинската поезија е нешто сосем друго. Таа е болна вистина која е напишана на поетски јазик кој само поетот го разбира. Секое изнасилување значи „оковување на пеперугата“. Денешната поезија е осакатена од различни степени на афирмираност. Во таа скалеста афирмација се губат вредностите и се наметнува некој нов вредносен систем кој нема никакви допирни точки со поезијата.

Јас четири години бев прв човек на Струшките вечери на поезијата. Затоа многу добро знам како функционираат фестивалските вредости, како се преведува, како се доделуваат награди. Треба човек да биде книжевен форензичар за тоа да го објаснува.Тоа секогаш било и ќе биде. Кога бев претседател на СВП добив десетина писма од белосветски поети да ги поканам на фестивалот или да им објавам книга. Ништо од тоа не направив. Денес тоа е „вредносна“ практика на сите фестивалски раководства.

Во ова време на брзо живеење, дали може да зборуваме за инстант поезија, за инстант поетски ѕвезди кои како се создаваат уште побрзо гаснат, бледнее нивниот сјај?

– Не сакам овие мои зборови да прозвучат како генерациски јаз, Македонија е поетска земја и секогаш изнедрувала големи автори. За жал, денес живееме во еден брз хаос и се сака се да се направи преку ноќ. Но, не е така. Во книжевноста со тоа може да се постигне само популарност и присутност која многу бргу исчезнува. За жал, ваквата поетска заблуда денес добива димензии на пандемија. Во контекст на ова позитивно предупредување уште еден пример од СВП. Во материјалите некогаш прочитав дека одредена поетска дама од влијателна земја „ многу сакала поезија и била страшно присутна на социјалните мрежи. И била подготвена во најскоро време да објави книга“.

Ете тој нов „вредносен систем“ е нашата катастрофа. Бидејќи таа дама настапува со сите почести на Фестифалот, а фестифалот не се вика Млада Струга.

Колку врз поетот влијаат општествените бранувања особено кога се случуваат историски премрежја и дали авторот во своето творештво може да се изолира, да избегне да ги толкува темите кои се судбински важни за опстанокот на државата?

– Знам дека поетот е чудак кој го оформува сопствениот свет. Но, тој, сепак, живее во реалниот свет кој е полн се суровости и неправди, кои, за жал, не можат да се исправат со поезијата. Тешко е да се пишува во услови кога не ти го признаваат јазикот, писмото, историјата, државата. Јас тоа не можам да го прифатам бидејќи не можам да се уништувам самиот себе. Дали некој друг тоа го прифаќа тоа е негова работа, но не сакам тоа да ми се прави мене.

Јас цел живот сум го поминал во пишување. И како писател и како новинар секогаш сум се борел за вистината. А, вистината е едноставна: Мојот јазик е македонски, на него сум напишал триесетина книги и стотици новинарски текстови и друг јазик немам. Затоа не ми е сеедно кога некој упорно се бори да ме разубеди во тоа. Тоа едноставно не е можно.

Втората работа на оваа жестока репресија врз мене е името на Мојата држава. Веќе кажав, роден сум во друга држава (административно) и сум сведок како Македонија го менувала името. Тоа, за жал, се случува и денес. И затоа се радувам дека сега ја живееме нашата реалност која дава отпор на тие притисоци. Во тоа мора да победиме. Јас ја признавам новата реалност, административен поданик сум на новото име, даночен обврзник, но никогаш нема да бидам човек кој се откажува. Мојот јазик е македонски, а мојата држава е Македонија. Таа за мене никогаш нема да биде ономастичко табу.

Зад себе имате богат творечки опус. На што работите во моментов, дали е во подготовка некое ново издание, превод од вашата поезија или можеби учество на некоја книжевна манифестација?

– Ќе се обидам поетски да дефинирам една перманентна состојба во мојот живот: Пишувам и ќе пишувам додека можам. Животот е конечен, поезијата е бесконечна. Неодамна ја завршив мојата најнова поетска книга. Се вика „Болна земја“ и ја предадов кај издавачот.

Одиме натаму! (МИА)