Претставници на компанијата „ТАВ Македонија“ што стопанисува со аеродромите во Охрид и Скопје денеска ги презентираа можностите за евтини патувања од двата аеродрома пред претставници на туристичките агенции во албанскиот град Елбасан.
На средбата била нагласена потребата од воспоставување редовна автобуска линија од Елбасан до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, со што уште полесен би бил транферот на патници.
-Охридскиот аеродром е навистина блиску до Елбасан само час и половина возење со автомобил, а нема редовна автобуска линија. Албанија, особено Елбасан е во нашата гравитациска зона со голем потенцијал за Охридскиот аеродром. Следствено на тоа, евтините авионски линии од Охридскиот аеродром и географската близина на двата града можат да бидат искористени целосно, ако заеднички ги вложиме нашите напори за да ја постигнеме оваа цел. Затоа, денеска сме тука за да ги известиме локалните туристички агенции и албанската јавност, за придобивките што ќе ги почувствуваат ако го изберат Охридскиот аеродром за нивните патувања, изјави Неџат Курт, заменик-генерален директор за операции во „ТАВ Македонија“ по средбата со локалните тур-оператори одржана во Елбасан, Албанија.
Како што истакнаа од „ТАВ Македонија“ во Елбасан, аеродромот „Св. Апостол Павле“ моментално оперира на 18 дестинации, од кои осум редовни, а во исто време и ниско-буџетни авиолинии што сообраќаат во текот на целата година и тоа за Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Мемингем и Дортмунд. Другите десет дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, односно сообраќаат во периодот од април до октомври и тоа кон Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана.
Покрај промоцијата на охридскиот аеродром, како најблиска точка од Елбасан, „ТАВ Македонија“ денеска исто така ги промовираше и 42-те дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, претставувајќи го огромниот развој што е постигнат на двата аеродрома во однос на порастот во бројот на патници во последните десет години по влегувањето на „ТАВ“ на македонскиот пазар.
„ТАВ Македонија“ продолжува да остварува пораст во бројот патници во првите месеци од 2019 година. Од јануари до април 2019 година вкупно 694.227 патници патувале преку двата аеродрома, што претставува пораст од десет проценти споредено со истиот период во 2018 година.
Компанијата ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, со 16 процентен пораст на годишно ниво