Првата претстава наменета за бебиња на возраст од над една година „Облак во мала кутија“ вечер премиерно ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци. Режисер на претставата е Бојана Лазиќ од Србија.
„Облак во мала кутија“ е првата интерактивна театарска претстава за бебиња во државава. Претставата се изведува за ограничен број посетители согласно протоколите за заштита од Ковид-19.
Во претствата играат Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Никола Наковски.
Нејзини гледачи се деца кои штотуку наполниле 12 месеци, како и нивните родители. Разни визуелни изненадувања, колективни игри, весела музика, палави зборови, необични форми и пријатна атмосфера се преплетуваат во претставата. „Облак во мала кутија“ споредено со претставите за постари деца, младинци и возрасни луѓе, не е заснована на наратив туку на дејствија кои будат и провоцираат љубопитност. Содржините се прилагодени за возраста на публиката и осмислени се со цел да ги стимулираат сетилата и да ја поттикнуваат фантазијата. Просторот во кој актерите ги дочекуваат бебињата и родителите е безбеден, удобен, мек и нежен. Во тој простор сите можат да се опуштат и да уживаат, информираат од Театарот за деца и младинци.
Идејата, како што посочуваат, е актерите/изведувачите да ги инспирираат дечињата за да ги поведат во лавиринт од апстракции, нежна музика, пријатни изненадувања, сетилни сензации и соновна атмосфера.
„Облак во мала кутија“ им нуди на бебињата и родителите доживување што не можат да го почувствуваат ни во една соба полна играчки, ни во парк, игротека, а ни во некоја градинка… Оваа магија не може да се случи никаде освен во театар, нагласуваат од Театарот.