Американскиот претседател Џо Бајден, во телефонскиот разговор со украинскиот колега Володимир Зеленски, истакна дека САД „брзо и одлучно“ ќе одговорат на руската агресија врз Украина, соопшти Белата куќа.

Како што се наведува во соопштението Бајден и Зеленски „се согласија за важноста на продолжување на дипломатијата и одвраќањето како одговор на распоредувањето на руски војници во близина на украинската граница“.

Бајден вчера имаше телефонски разговор и со рускиот претседател Владимир Путин, при што американскиот претседател се закани со „брзи и тешки последици“ во случај на руска инвазија врз Украина, додека Кремљ наведе дека „хистеријата за наводно неминовниот руски напад го достигнала врвот“.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби денеска изјави дека најновите американско-руски контакти на највисоко ниво не дале „никаква причина за оптимизам“. Тој вчерашниот разговор Бајден – Путин го оцени како мрачен.

– Тоа секако не е знак дека работите се движат во вистинската насока. Тоа секако не е знак дека Путин има каква било намера за деескалација. И секако не е знак дека тој повторно се обврзува на дипломатски пат. Значи, тоа не ни дава причина да бидеме оптимисти, истакна Кирби.