Бугарскиот претседател Румен Радев оствари телефонски разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, при што беа разгледани теми од дневниот ред за билатералните односи и актуелните прашања од европската агенда во пресрет на претстојниот Европски совет во Брисел, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Забрзувањето на воспоставувањето на гасната интерконекција меѓу Бугарија и Грција, зајакнувањето на поврзаноста меѓу двете земји преку отворањето на новиот граничен пункт „Рудозем-Ксанти“, како и други прашања од заеднички интерес беа во фокусот на разговорот.
Румен Радев и Киријакос Мицотакис ја потврдија подготвеноста на двете земји да работат во тесно партнерство за зајакнување на стабилноста и безбедноста во нашиот регион.
Претседателот Радев на грчкиот премиер му го искажал бугарскиот став во однос на процесот на проширување на ЕУ.
„Европската интеграција на Република Северна Македонија е во интерес и на Бугарија и на регионот, но бара политичка волја за решавање на отворените прашања во отворен билатерален дијалог меѓу Софија и Скопје, а не преку постојани напори да се постигне надворешен притисок врз нашата земја. Само така во ЕУ нема да бидат внесени нерешени проблеми, ќе се заштитат европските вредности и ќе се отвори патот на нашиот југозападен сосед кон неговата целосна европска интеграција“, рече претседателот Румен Радев.