Хрватската полиција отвори истрага за откривање на лицето кое упати закани по животот на премиерот Андреј Пленковиќ и други членови на владата. Хрватските медиуми јавуваат дека заканите биле упатени преку телефон, а поради нивната сериозност дополнителни полициски сили се распоредени пред зградата на владата во Загреб.

Заканите кон членовите на хрватската влада пристигнаа истиот ден кога хрватската безбедносно разузнавачка агенција го објави годишниот извештај за безбедносната состојба во земјата. Во него таа детектирала обиди на поединци со екстремистички и милитантни ставови да мобилизираат следбеници за спроведување нивна воена обука и набавка на оружје, со цел насилно рушење на уставниот проедок на Хрватска.

Во извештајот разузнавачката агенција констатира дека и покрај овие случаи Хрватска останува општество во кое екстремизмот, по која и да е основа – верска, идеолошка или национална – нема позначајна поддршка во јавноста а со тоа ниту потенцијал за дестабилизација на националната безбедност.