Основното јавно обвинителство Гостивар ги истражува причините за смртта на починатото лице, чие тело во распаѓање беше пронајдено над кичевското село Бигор Доленци, а врши и ДНК анализа за потврдување на идентитетот на починатиот. Според првичните сознанија починатото лице било на возраст од 27 години и е жител на село Стрелци, кичевско.
– По добиена информација за пронајдено тело во распаѓање над село Бигор Доленци, кичевско, надлежен јавен обвинител и екипи од Министерството за внатрешни работи вчера попладне започнаа со увид на лице место. Починатиот е пронајден во непристапен терен кој оневозможуваше транспорт на телото во текот на ноќта. По обезбедување на телото, утринава со помош на хеликоптер починатиот беше пренесен во Институтот за судска медицина во Скопје, каде по наредба на јавен обвинител ќе биде извршена обдукција, соопшто Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека е извршена идентификација на починатиот и според првичните сознанија починатиот на возраст од 27 години е жител на село Стрелци, кичевско. Дополнително надлежниот јавен обвинител издал наредба за вршење на ДНК анализа за потврдување на идентитетот на починатиот. По пријава за исчезнување на сега починатиот, повеќе од еден месец надлежните органи и жителите на околните места спроведуваа акции за негово пронаоѓање.
Основното јавно обвинителство Гостивар во континуитет презема дејствија во насока на разоткривање на причините за смртта на починатиот.
МИА