ТЕМА УКРАИНА: По Макрон и германската шефица на дипломатијата допатува во Кина

/ 13.04.2023

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денеска пристигна во посета на Кина, каде за време на дводневниот престој треба да се сретне со министерот за надворешни работи Чин Ганг, а во фокусот на разговорот треба да биде Украина.

„Која улога ќе преземе Кина со нејзиното влијание врз Русија ќе биде одлучувачка за идните односи меѓу Европа и Кина“, рече Баербок (Зелените) пред да замине за Кина.

Таа рече дека војната во Украина ќе биде главна тема на нејзините разговори во Кина. „Како постојан член на Советот за безбедност, Кина сноси посебна одговорност“, рече Баербок.

Покрај министерот за надворешни работи Чин Ганг, предвидено е и германската министерка за надворешни работи да се сретне и со кинескиот потпретседател Хан Женг.

Посетата на Анален Баербок се одвива во сенка на зголемените тензии меѓу Кина и Тајван, кои Пекинг официјално ги смета за кинеска територија.

Политичарите на владејачката коалиција во Германија изразија уверување дека Баербок јасно ќе ѝ го пренесе на Кина ставот на Европската унија за Тајван.

„Убеден сум дека министерката за надворешни работи нема да дозволи да биде „завртена околу малиот прст“. Шармантното бомбардирање на претседателот Макрон врз кинескиот врв очигледно вроди со плод“, рече потпретседателката на германско-кинеската парламентарна група Гид Јенсен (Либерално-демократската партија ФДП).

Таа алудираше на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој по враќањето од Кина рече дека Европа не мора по секоја цена да го следи правецот на САД кога е Тајван во прашање.

Пред посетата на Баербок на Кина, кинеската влада ја критикуваше дискусијата во Германија за можното преземање на контејнерскиот терминал во пристаништето Хамбург, кој би го презела кинеската компанија Коско.

„Се надеваме дека германската страна ќе се откаже од политизацијата на економската соработка“, соопшти кинеската влада. Во истото соопштение за медиумите беше изразена надежта дека германската страна нема да даде приоритет на прашањето за „идеологијата и безбедноста“.

Во меѓувреме, германската влада го означи контејнерскиот терминал во пристаништето Хамбург како чувствителен инфраструктурен објект и ја преиспитува дозволата за влез на кинеската државна компанија Коско во сопственичката структура на оваа компанија.


Од истата категорија