Објавен е повик за проектирање и изградба на фотоволтаична електрана со моќност од 10 мегавати, која ќе биде лоцирана на поранешните ископи на јаглен на термоелектраната „Осломеј“.
Повикот е отворен до 10 мај, а изборот на понудувачите ќе се врши според процедурите на Европската банка за обнова и развој која обезбедува кредитна линија од 5,9 милиони евра за проектот што ќе го спроведува државната ЕЛЕМ која учествува и со свои финансии.
Изградбата на објектот што ќе произведува чиста енергија од обновливи извори на енергија се планира за почетокот на септември годинава, а првите произведени киловатчасови на почетокот на следната година.
– Осломеј моментно работи многу малку и да не речам оставен е да биде споменик, енергетски неоснован објект во којшто работат голем број луѓе. На овој начин се обидуваме да обезбедиме работа за дел од нив, а истовремено да направиме профитабилна зделка која нема финансиски да го оптвори ЕЛЕМ. Таму ќе биде инсталирана моќност од 10 мегавати, а средствата се обезбедени во рамки на кредитната линија на Европската банка за обнова и развој. Очекуваме веќе следната година да потечат првите мегавати од фотоволтаичната електрана која ќе биде најголема во државава, рече на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој најави максимално транспарентен избор на повикот на кој очекува голем број понуди. По поминувањето на техничките претквалификации цената ќе биде единствениот критериум.
Вкупното годишно производство на новата електрана ќе изнесува 15 гигават часови, доволно за покривање на годишните потреби на околу 2.000 домаќинства.
– Овој проект е значаен не само од енергетски, туку и од социјален и еколошки аспект. Ќе се гради на постоечкиот рудник во околината на РЕК Осломеј на 15 хектари земјиште кое треба да се рекултивира со нова фотоволтаична електрана која ќе приоизведува чиста енергија од обновливи извори, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Според Анѓушев, претстои сериозна инвестициска офанзива во делот на обновливите извори на енергија. ЕЛЕМ, најави директорот Драган Миновски, годинава ќе спроведе проекти и за дополнителни 20 мегавати во „Осломеј“ и 20 мегавати во рамки на Рударско енергетскиот комбинат Битола.
До крај на месецов ќе биде објавен и тендер за 62 мегавати фотонапонски електрични електрани, од кои 35 мегавати на државно земјиште, а 27 на приватно.