Компанијата „Аутомакедонија“ е избрана да изврши набавка и да му испорача на РЕК Битола шест еколошки автобуси на природен гас од јапонскиот производител „Исузу“. Вкупната набавка изнесува 104 милиони денари (1,4 милиони евра), а еден автобус чини 240 илјади евра. Треба да бидат испорачани за осум месеци.
– Со овие автобуси ќе ја зголемиме безбедноста на превозот на нашите вработени кои работат во исклучително тешки услови во рудниците. Автобусите што се користат сега се стари и дотраени и не ги задоволуваат ниту минималните стандарди, рече Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ на денешното потпишување на договорот за набавката.
Тој најави дека во периодот кога нема да се превезуваат работниците автобусите ќе бидат вклучени во превоз на ученици, студенти, пенизонери, невладини организации, спортски клубови и сите кои имат потреба во околината на Битола, Могила и Новаци.
– Се работи за еколошки и штедливи автобуси со рок на гаранција од две години или 200 илјади поминати километри и рок од три години за поврат на инвестицијата, информира директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, потенцирајќи го еколошкиот аспект на набавката, со оглед на тоа што емисијата на честички при горење на гас е скоро нула.
Комбинатот последен пат набавил два нови автобуса во 1998 година и тие одамна не се во употреба, а во 2014 година се набавени 10 половни автобуси, од кои сега се користат само три, со поминати над милион километри.
Ковачевски најави дека ќе продолжат со набавка на еколошки автобуси, а можеби и електрични возола.лв/са/