Претседателот на грчката партија Демократска левица, Танасис Теохаропулос во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека за да има мир, просперитет и развој во регионот потребни се политики далеку од национализмот и изолацијата.
Тој минатата седмица во Скопје се сретна со премиерот Зоран Заев и коментира дека средбата била особено конструктивна, јави МИА од Атина.
– Господинот Заев е прогресивен социјалдемократски политичар, јасно решен радикално да ги промени работите во неговата земја, далеку од национализми и изолации и овие политики ни се потребни овде во „буре барутот во Европа” за да имаме иднина на мир, просперитет и развој. Затоа, по средбата, јасно сум голем оптимист, вели Теохаропулос.
Лидерот на Демократска левица вели дека на средбата со Заев разговарале за низа теми и бил известен за имплементацијата на ерга омнес во нашата земја и за промената на имињата на институциите, но и за работата на комисиите за ревизија на учебниците и онаа што ќе се формира за трговските ознаки.
-Со господинот Заев разговаравме, не само за прашањата што се поврзани со спроведувањето на Договорот од Преспа, но дополнително доставивме и конкретни предлози за развој на економската соработка и зајакнување на бизнис активностите меѓу нашите земји. Истакнавме дека од сега па натаму клучно е да има верно и успешна имплементација на договорот, на сите нивоа, без враќања назад, вели Теохаропулос за АНА-МПА.
Во однос на шпекулациите што се појавија во Грција за размена на споменици меѓу двете земји, Теохаропулос коментира дека постоеше демант како од министерката за култура на Грција, така и од Владата на Северна Македонија.
-Ако постојат такви прашања се разгледуваат и се решаваат во рамките на комисиите што ги предвидува договорот или од други ад хок комисии, додава претседателот на Демократска левица и коментира дека е потребна поголема сериозност и одговорност од сите, за да не се појавуваат од никаде такви прашања, истакнува Теохаропулос за АНА-МПА, пренесе МИА.