Британската премиерка Тереза Меј им порача на пратениците од нејзината Конзервативна партија во Долниот дом на Парламентот во Лондон дека ќе се повлече од функцијата откако ќе се финализира договорот за Брегзит, јави Би-Би-Си.

– Колку што се сеќавам таа рече дека нема да остане на функцијата за следната фаза од преговорите за Брегзит, што имплицира дека откако ќе помине Договорот за истапување, таа ќе му го препушти местото на некој друг, изјави за Би-Би-Си конзервативниот пратеникот Џејмс Картлиџ по средбата на Меј со пратениците од нејзината партија.

Многу евроскептични пратеници на Конзервативната партија бараат Меј да поднесе оставка веднаш или да утврди датум за нејзино повлекување, во замена за нивна поддршка на Договорот за Брегзит што нејзината Влада го постигна со Брисел, а кој во два наврати беше отфрлен од Долниот дом.

Претходно, како што јави ДПА, Владата на Меј не успеа да го спречи гласањето во Долниот дом за можните алтернативни решенија за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Пратениците со 331 глас „за“ и 287 „против“ го поддржа предлогот Долниот дом вечерва да одржи необврзувачки гласања за „алтернативите“ на Брегзит.

Владата беше против ваквиот предлог тврдејќи дека спроведувањето на овие гласања би претставувало „загрижувачки преседан“.

Шефицата на конзервативната пратеничка група во Парламентот, Андреа Лидсом, која по функција е и членка на Владата на Меј, пред гласањето ги предупреди пратениците да имаат предвид дека секој нов договор за Брегзит мора „да биде спроведлив“ и за него да се преговара со ЕУ.