Пратеничката и поранешна британска премиерка, Тереза Меј, денеска ја обвини владата за загрозување на мирот во Северна Ирска и загрозување на „интегритетот на Велика Британија“ со предлог-закон за поништување на некои делови од договорот за Брегзит.
Конзервативната пратеничка беше на чело на владата од 2016 година до средината на 2019 година во екот на преговорите за Брегзит и предупреди дека нема да гласа за предлог-законот поднесен од нејзиниот наследник Борис Џонсон, бидејќи тоа носи „непроценлива штета на угледот на Велика Британија“.
Лондон го предизвика бесот на Европејците со презентирање на нацрт-законот што сега се разгледува во парламентот, со кој делумно се откажува од договорот потпишан во јануари со европските земји членки за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Според самите Британци, предлогот претставува кршење на меѓународното право.
Предлог-законот ги оспорува посебните одредби направени за Северна Ирска за да се избегне враќањето на копнената граница со Република Ирска. Тоа може да го ослабне мировниот договор од 1998 година со кој се стави крај на тридецениското насилство.
-Волјата на владата еднострано да се откаже од меѓународниот договор што го потпиша ја доведува во прашање нејзината волја за целосно почитување на Договорот од Велики петок, рече Тереза Меј пред парламентот.
Таа мораше да даде оставка кога и самата се соочи со незгодното прашање за Северна Ирска.
Таа верува дека оваа промена на ставот може да направи некои заедници да бидат помалку подготвени да и веруваат на британската Влада и дека тоа може да влијае на волјата на луѓето од Северна Ирска да бидат дел од Велика Британија.
-Далеку е од тоа дека Велика Британија со тврдиот став го зајакнува интегритетотот кон ЕУ, туку напротив таа всушност го загрозува нејзиниот интегритет, оцени поранешната премиерка, нарекувајќи го таквиот став „несовесен и неодговорен“.
Тој предлог-закон, сепак, доби првично одобрување од пратениците минатата недела. Само двајца конзервативни пратеници гласаа против, а 29, меѓу кои и Тереза Меј, беа воздржани. Пратениците повторно ќе гласаат следната недела, а потоа ќе биде доставен до Горниот дом или Домот на лордовите, за подетално разгледување.