Нападот во Вилах, во кој Сириец до смрт избоде 14-годишно момче и повреди пет лица, се третира како терористички напад со исламистичка позадина, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.
„Ова е исламистички напад поврзан со Исламската држава“, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карнер.
Карнер рече дека 23-годишниот осомничен Сириец, кој легално престојувал во Австрија, се радикализирал на интернет.
Вчера, напаѓач по случаен избор со нож нападна минувачи во центарот на Вилах, при што тешко рани 14-годишно момче кое почина од повредите. Повредени се уште пет лица, од кои три се на интензивна нега. Напаѓачот бил запрен од друг Сириец кој доставувал храна во својот автомобил.
„На снимката од апсењето јасно се гледа како напаѓачот се смее“, изјави Рајнер Дионисио, шеф на одделот за односи со јавноста на полицијата во Каринтија. Напаѓачот, кој претходно не и бил познат на полицијата, имал картичка за барател на азил на себе и наводно престојувал во прифатниот центар Лангауен. Сведоците исто така велат дека тој извикал Алаху Акбар.
„Кроне“ сега објави нови детали за напаѓачот. Според извештајот, тој се заколнал на верност на таканаречената Исламска држава, се радикализирал преку Тик Ток, а во неговиот стан било пронајдено знаме на Исламска Држава.
Според информациите кои доаѓаат од Федералната канцеларија за заштита на Уставот, утврдено е дека напаѓачот се радикализирал преку социјалните мрежи, слично како напаѓачот од Виена, Беран А. Тој следел различни исламистички проповедници на „Тик-ток“ и се заколнал на верност на Исламска држава.
Тој не бил на списокот на луѓе кои австриската служба за безбедност ги смета за потенцијално опасни. Во моментов на тој список има околу 150 луѓе, но меѓу нив не беше 23-годишниот Сириец, кој пристигна во Австрија во 2020 година и неодамна доби статус на бегалец. Тој не им бил познат на меѓународните разузнавачки служби и немал криминално досие.
Напаѓачот бил запрен од друг Сириец, 42-годишниот Алаедин Алхалаби, кој со години работел како доставувач на храна во Австрија. Оваа информација ја потврди и Дионисио. „Четириесет и двегодишен доставувач на храна, исто така сириски државјанин, бил сведок на нападот. Без размислување се упатил со своето возило кон напаѓачот“, рече тој.