Најмалку 15 лица се повредени рано изутринава при експлозија во индиски ресторан во градот Мисисага во канадската провинција Онтарио. Според првичните информации станува збор за експлозија на рачно изработена бомба, а локалната полицијата трага по двајца мажи, кои се осомничени за активирање на експлозивната направа.
Како што јавија агенциите, експлозијата се случила во 22:30 часот по локално време (4:30 часот по средноевропско време) во еден индиски ресторан во Мисисага, град кој се наоѓа западно од Торонто. Според полицијата, тројца од повредените се во критична состојба оид изгорениците кои ги добиле при експлозијата.
По инцидентот се објавени снимки од камерите во ресторанот на кои се гледаат како две лица со качулки на главата влегуваат внатре, по што ја активирале бомбата, а потоа молскавично побегнале.