Најмалку 16 лица загинаа, а неколку десетици се повредени вчера во џихадистички напад во сојузната држава Борно, на северо-истокот од Нигерија, соопштија локалните власти.

“Во напад со граната загинаа 16, а неколку десетици лица се ранети. Билансот на жртвите може да биде и поголем”, наведоа властите.

Џихадистите ги преминале безбедносните бариери во Мајдагури и оттаму пукале со гранати.

Досега никој не ја презеде одговорноста за последниот трагичен напад.

Во насилствата на Боко Харам во Нигерија од 2009 година досега се убиени најмалку 36.000 лица, додека околу два милиони жители од овие области ги напуштиле своите домови и не смеат да се вратат во нив.