Крајот на Втората светска војна, победата над фашизмот и доаѓањето на мирот не го почувствувале граѓаните на Грција. Таму, по војната, состојбата се усложнила поради недоразбирањата во грчката колициска влада и вмешувањето на западните сили во внатрешните грчки работи.

По Втората светска војна во Грција почнува да беснее Граѓанската војна. Во неа активно биле вклучеи и Македонците од Егејска Македонија, кои застанале на страната на Демократската армија на Грција.

Грчките владини сили, потпомогнати од англиските вооружени формации, извршиле палења, убиства и силувања низ македонските села. Таквата состојба ги принудила Македонците да започнат со организирање на борба против грчките владини и англиски сили. Во 1945 година била создадена македонската организација Народноослободителен фронт (НОФ) кој во текот на целата Граѓанската војна во Грција била главен претставник на Македонците и нивните барања за решавање на македонското прашање.

НОФ против грчката војска и странските интервенционисти

По завршувањето на Втората светска војна, Егејска Македонија останала под грчка власт.

-Очекувањата на Македонците кои учествувале на страната на грчката национално ослободителна војска (ЕЛАС) и грчкиот национално ослободителен фронт (ЕАМ) биле дека конечно ќе се реши македонското прашање на овој дел од етногеографската карта на Македонија. Поради конфликтот со раководството на ЕЛАС и КПГ заради тактизирањето со македонското прашање, македонските партизански единици ја напуштиле Егејска Македонија и учествувале во завршните операции за ослободување на НР Македонија, вели универзитетскиот професор по историја Никола Жежов.

Англиската воена интервенција во Грција и договорот во Варкиза во февруари 1945 година со кој бил верификуван военополитичкиот пораз на ЕЛАС, биле вовед во почетокот на Граѓанската војна во Грција.

-Пред опасноста од етничко чистење на Македонците, во текот на 1945 и 1946 година, македонското национално ослободително движење организирало самостојни партизански одреди во Егејска Македонија кои се бореле против грчката војска и странските интервенционисти. Во услови на систематски терор на грчката власт, македонското национално ослободително движење во Егејска Македонија претставено од воено-политичката организација Народно ослободителен фронт (НОФ) повторно се решило на соработка со КПГ и со новоформираната Демократската армија на Грција (ДАГ), објаснива професорот.

Сурови репресалии врз цивилното македонско население

Од борбените дејствија меѓу спротивставените страни во војната настрадале многу населени места. На удар на грчките владини трупи и паравоените вооружени формации што биле формирани од грчката влада, најмногу биле селата каде доминантен бил македонскиот етнички елемент. На удра се нашло и селото Пожарско.

-Во предвечерието на војната, селото Пожарско било населено исклучиво со Македонци. Тоа е едно од ретките села во Мегленско кое го задржало македонскиот етнички карактер со децении наназад. Отпорот на Македонците од Пожарско против грчката власт јавно бил деклариран на парламентарните избори од 31 март 1946 година кога на повик на КПГ и НОФ, селото ги бојкотирало изборите. Како одмазда за таквиот чин, грчката војска и жандармерија извршиле големи насилства врз селаните, а состојбата ескалирала до тој степен што до изборните комисии не стигнал никаков извештај за излезноста на гласачите, раскажува професорот.

Во летото 1946 година воените дејствија сè повеќе се приближувале кон Мегленско. Поради присуството на партизанските одреди, грчката владина војска презела сурови репресалии врз цивилното македонско население.

-Во голем број случаи, војската ја имала поддршката и од маџирското колонистичко население кое се наоѓало во околните мегленски села. Летото 1946 година, партизаните во близина на селото Пожарско го ликвидирале трговецот Михали од селото Струпино инаку со маџирско потекло, а убиството било направено токму заради неговата шпионска активност во корист на грчката власт. За само половина час откако дознале за убиството на нивниот соселанец, Маџирите од селото Струпино вооружени со оружје што го добивале од владата во Атина, носени од шовинистичка омраза на патот меѓу Струпино и Пожарско ги убиле сите Македонци што ги затекнале да работат во своите ниви, потенцира историчарот Жежов.

Излегувајќи од селото грчката војска наишла на синот на истото семејство, Кољо Митрев Јачов, го натерале да се качи на една карпа и го застрелале под претекст дека бил партизан и дека сакал да бега по издадената наредба да застане. Убиството на момчето го виделе неколку селани.

Трајко Жежов од истото село, откако не бил најден неговиот татко, од страна на грчката војска бил однесен во гарнизонот во село Тресино, десет дена по ред бил безмилосно тепан и држан без храна. Трајко Крстев од селото Горно Пожарско бил земен и тепан цела ноќ во жандармериската станица во гратчето С’ботско, а потоа изутрината бил жив закопан на градските гробишта. Ѓорѓи Катаров од истото село бил фатен и осуден дека соработувал со партизаните и по кратка постапка веднаш бил стрелан. Ова се само дел од Македонците кои настрадале во тој период.

-Положбата на Македонците во овој крај станала толку неподнослива што тие не смееле воопшто да се одалечуваат од своите куќи за да ги извршуваат секојдневните селски работи. Сите селани кои би биле фатени во шумскиот појас над селото Пожарско биле стрелани на лице место од страна на грчката војска, вели историчарот.

И покрај ваквите сурови мерки против македонскиот народ во ова македонско село, соработката на народот со партизанските единици на ДАГ не престанала.

Во 1948 селото Пожарско бомбардирано

Во 1948 година продолжиле борбите меѓу владините трупи и ДАГ во близина на Пожарско. Артилеријата на грчката војска постојано го бомбардирала селото. На 6 февруари 1948 година врз Пожарско биле истрелани 6 артилериски гранати при што смртно била погодена една жена. Интензивното бомбардирање на селото продолжило во текот на целиот месец. На 9 март 1948 година неколку гранати ја погодиле и уништиле селската црква. Грчката владина војска се обидувала да внесе страв кај селаните и со постојаните блокади на Пожарско. Во обидите да се претстави како заштитник на македонските деца, во собирните центри организирани од владата во Атина биле однесени и 6 деца од селото Пожарско.

– Според податоците на Првиремената демократска влада на Грција (ПДВГ) пак, во источно европските комунистички држави, само од селата Бизово, Саракиново, Долно Родево, Тресино и Пожарско кои се наоѓаат во Мегленската околија, во 1948 година биле испратени 540 деца. Според некои податоци, најголемиот дел од децата од Пожарско биле испратени во Полска и Романија. Во април 1948 година, привремената власт на ДАГ во Пожарско како и во другите мегленски села под нејзина контрола започнала со пре-распределба на обработливото земјиште на македонските селани, а покрај веќе отвореното училиште била отворена и амбуланта. На 24 август 1948 година во селото се случил судир меѓу неколку единици на ДАГ со грчката владина војска. Поради жестоките судири во близина на селото, голем дел од цивилното население започнало да бега во правец на границата или кон помалото гратче С’ботско. Вкупно 30 семеј-ства од Пожарско побегнале кон С’ботско, информира професорот.

И покрај масовното учество на Македонците од Пожарско на страната на ДАГ, грчкото комунистичко раководство, чувствувајќи го претстојниот пораз во Граѓанската војна, побрзало да се пресмета и со голем број македонски борци од ова македонско село. Употребувајќи лажни обвиненија за тоа дека Македонците се „шпиони“, раководството на ДАГ за Мегленско на чело со секретарот Кирјакос наредило да се стрелаат македонските борци Ристо Дошев, Петар Плешков и Иван Катаров, сите од селото Пожарско.

Егзекуцијата била извршена на местото наречено „Бачо“, во Чрношевската планина, непосредно до југословенската граница.

Поради заканите од физички ликвидации и обвиненијата дека се „предавници“, од партизанските одреди биле принудени да побегнат и повеќе други борци од Пожарско во правец на НР Македонија: Кољо Причков-Крум, Васил Учков, Пени Ѓусмев, Трајко Зерзев и други. Борецот Кољо Причков бил вратен од местото Градешница и стрелан во месноста „Рамнобор“.

 Поразот на ДАГ оставил тешки последици

Поразот на ДАГ во 1949 година оставил тешки последици врз ова мегленско село. Како резултат на постојаните вооружени дејства во селото и неговата околина имало голем број човечки жртви и од редовите на боречкото, но и цивилното население.

-Податоците од архивата на Здружението Егеј од Штип, но и сведоштвата на преживеаните учесници во војната од Пожарско посочуваат на бројка од неколку стотици загинати борци. Речиси и да нема семејство од Пожарско кое не дало жртва за време на војната. Во борбените дејствија од војната, раководството на ДАГ, стравувајќи од компактноста на Македонците во Пожарско, неретко ги прерас-пределувало борците од ова македонско село и во партизанските единици што се бореле надвор од границите на Егејска Македонија, вели професорот.

По завршувањето на војната во 1949 година, голем број од Македонците од Пожарско ги напуштале своите родни огништа под притисоците на грчките воени и жандармериски единици кои си поставиле цел да го избришат селото од географската карта на Егејска Македонија. Најголем дел од неговите жители од страна на југословенските власти биле населени во Војводина, за да подоцна поголемиот дел од нив создадат свои живеалишта во Република

Македонија и тоа во Штип и Штипско, Велес и Велешко, Прилеп и Прилепско, Скопје и Скопско и други места.

-Сепак и покрај сè, грчката власт не успеа да ги истера и уништи сите Македонци од Пожарско, бидејќи и по Граѓанската војна и до ден денес, ова село во Егејска Македонија е населено исклучиво со население од македонско етничко потекло, потенцира професорот Жежов.