Поранешниот албански премиер и историски лидер на Социјалистичката партија, Фатос Нано (73), кој е хоспитализиран во приватна болница во Тирана, сè уште е во сериозна здравствена состојба.
-Тој пред 17 дена доживеа клиничка смрт (кардио респираторен застој) во својот дом, а бил вратен во живот од страна на тимот лекари во болницата. Има обемно оштетување на мозокот. Пред една седмица во болницата пристигнал тим странски лекари, но според денешните информации состојбата е непромената, објавија медиумите.
Нано подолго време имаше проблеми со белите дробови и неколку пати бил хоспитализиран, поради хронична опструктивна белодробна болест.
Тој е основач и прв лидер на Социјалистичката партија на Албанија. На чело на партијата беше од 1991 до 2005 година, кога целосно се повлече од политиката. Нано беше премиер во три наврати од 24 февруари до јуни 1991, од 24 јули 1997 до 2 октомври 1998 и од 31 јули 2002 до 11 септември 2005 година.
Како премиер е најзаслужен за подобрување на односите со соседните земји, кои беа „замрзнати“ во комунистичкиот период..
Фатос Танас Нано роден е на 16 септември 1952 во Тирана. Во брак е со Џоана Нано, позната албанска претприемачка. Татко е на две возрасни деца од првиот брак.




