По информацијата што денеска ја објавија дел од медиумите дека се пробиени матурските тестови по англиски јазик, што денска ги полагаат матурантите како втор екстерен испит, од Државниот испитен центар ги демантираат овие наводи. Велат дека целиот процес од нивна страна е спроведен професионално, а тестовите не се пробиени. Сепак, иако не е дозволено на матурскиот испит да внесуваат мобилни телефони, од ДИЦ потврдуваат дека матурантите ги споделуваа тестовите преку вибер групите каде што членуваат, но, откако испитот веќе почна.
Тестови не се пробиени до 10 часот кога започнана тестирањето, тестови се споделени во рамките на вибер групите од страна на членовите откако започна реализацијата на испитот. Државниот испитен центар нагласува уште еднаш ТЕСТОТ НЕ Е ПРОБИЕН, туку бил споделуван откако е започната реализацијата на испитот, вели Благица Павловска, директор на Држаавен испитен центар.
Како што неофицијално дознава Телма, при полагање на државната матура, како што налагаат правилата, матурантите пред да влезат го оставаат мобилниот телефон, но со себе носат и друг кој го користат за комуникација со своите другари, а на вибер група со неколку илјади членови меѓусебе ги разменуваат одговорите од прашањата на матурските тестови. Нејасно е како и покрај целата контрола што се спроведува, на матурантите им успева да ги внесат и користат мобилните телефони во просториите за полагање. Сепак, надлежните ќе проверуваат дали има пропусти и дали се почитувале правилата при полагање на државнта матура.
Државниот испитен центар ќе постапи согласно законските и подзаконските акти за сите матуранти доколку ги нарушиле правилата за реализација на испитите, наведува Павловка, пренесува Телма.
Според правилата за полагање матурантите не смеат да користат мобилен телефон, ниту да се договараат, да се консултираат со другите кандидати, ниту да препишуваат од друг. Доколку се прекршат правилата се изрекува опомена, а доколку и по изречената опомена кандидатот повторно ги прекршува правилата, испитот се прекинува, се наведува во правилата за полагање екстерен испит на Државниот испитен центар.