Тетово периодов се соочува со рестрикција на водата за пиење од 1 часот по полноќ до 4 часот наутро, како последица на неправилното функционирање на водоводот во Лешница. Градоначалникот Биљал Касами вели дека проблемот е во дождовите кои го попречуваат функционирањето на водоводот и потребни се неколку дена да се прочисти водата, објави ТВ 21.
„Имаше оштетувања на главната цевка и се работи на нејзино санирање, но во моментов тоа е уште еден проблем кој бара долгорочно решавање бидејќи секогаш кога врне водата се заматува и филтер станицата излегува од функција и потребно е период од два до три дена додека водата се исчисти и стави во функција“, вели Биљал Касами.
Од ЈП Шара велат дека проблемот може да се реши но бара подолго време. Ветуваат долгорочно решение на пролет.
„Проблемот што го затекнав како директор на претпријатието и градоначалникот на општината, имаме долгорочен план што ќе го започнеме напролет, но прво треба да се оди чекор по чекор за реализација на овој план, најпрво контактиравме со компаниите кои го реализираа овој проект како компанијата Амиат и ЦМЦ кои дојдоа и го увидоа проблемот и за почеток ќе ги сервисираме сите филтри, ќе го обновиме капацитетот на вода од 115 литри на 180 литри во секунда и потоа ќе почнеме со работите за подолг рок“, порача Ваљон Зеќири.
Водоводот Лешница е изграден поради недостиг на вода за пиење а оваа водоводна мрежа шесто има дефекти, пукаат цевки или се загадува изворот.