Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово се пријавил и бил примен во Академијата на судии и обвинители наведувајќи просек од 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88. Просекот на судијата бил поправен со пречкртување на три негови оценки во Матичната книга на Катедрата по право на Тетовскиот универзитет и ставање повисоки.

Ова го открил Државниот просветен инспекторат, кој по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверил документацијата.

– Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство – изјави на денешната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.