Прогресивниот данок нема да се одрази врз животниот стандард на населението и од неговото воведување не може да се очекува никакво зголемување на цените, бидејќи станува збор за данок на доход што ќе го плаќаат само околу еден отсто од најбогатите, порача вечерва министерот за финасии Драган Тевдовски.
Тој во интервју за ТВ Канал 5 истакна дека прогресивен данок има во сите земји од Европската унија кон која ние се стремиме, како и во САД.
-Рамниот данок е карактеристика за социјалистичките земји кои немаа институции. Како ги подобруваа институциите, така се откажуваа од рамниот данок, рече Тевдовски.
Нагласи дека очекува да биде остварена проекцијата за раст на БДП од 3,2 отсто во 2019 година и додаде дека се покажува оти Министерството за финасии оди со кредибилни проекции.
-Добро е што економијата оди нагоре пред се заради приватниот сектор. Во минатата година просечната плата порасна за 5,7 отсто, индустрискиот раст е скоро шест проценти, извозот има двоцифрена стапка на раст, стапката на невработеност е намалена на 20,8 отсто, што значи дека има речиси 14.000 нови работни места. Сето тоа покажува дека економијата се движи во добра насока. За годинава капиталните инвестиции се проектирани на 26 милијарди денари и ќе се реализираат со побрзо темпо со што ќе имаат поголем удел во растот на БДП, рече Тевдовски.