Ревидирање на проекцијата за раст на БДП на 2,8 проценти, задржување на буџетскиот дефицит на 2,7 отсто и намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто, предвидува Предлог-ребалансот на Буџетот за 2018 година, што го донесе Владата на вчерашната вонредна седница.
– Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување на финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ), рече министерот Драган Тевдовски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека е ревидирана проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто, пред сѐ, како што рече, заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата, а неизвесноста негативно може да влијае на економијата. Нивото на буџетски дефицит, додаде, е задржано на 2,7 отсто со што се задржува определбата за постепена фискална консолидација.
– Приходната страна на Буџетот е корегирана незначително, за 0,5 отсто надолу. Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава, посочи Тевдовски.
Расходната страна на Буџетот, потенцира е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.
– Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот, прецизира министерот за финасии и додаде дека најголемо кратење ќе има кај проектите каде има забавена динамика, односно за гасификација и за откажаниот клинички центар.
Се врши, додаде, и реалокација на средства помеѓу буџетските корисници при што се обезбедуваат дополнителни 198 милиони денари за политички партии и истражувачки центри согласно промената на закон, како и средства за функционирање на ОТА до крајот на годината.
– Се обезбедуваат и дополнителни 1,8 милијарди денари за Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување. Со овие средства освен непреченото реализирање на обврските на овие институции се очекува и етапно намалување на долговите на здравствениот систем, посочи Тевдовски.
Најголема алокација во ребалансот, како што кажа, има за општините.
– За општините се обезбедува финансиска поддршка во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита. Начинот на реализацијата на финансиската поддршка на општините ќе биде утврдена со закон. Истотака, со закон ќе се постави механизам за спречување на можноста за трупање на неплатени обврски во општините, потенцира Тевдовски.
Прецизира дека законите се во финална фаза на изработка и оти ќе бидат доставени до Собранието доколку на пленарната седница биде изгласан почетокот на постапката на уставните промени.
– Во спротивно, ќе се распишат предвремени парламентарни избори и овој ребаланс на буџетот нема да може да биде усвоен од страна на Собранието. Во моментов постои можност да им се помогне на општините, а доколку дојде до неприфаќање на почеток на постапката за уставни промени и се распишат предвремени парламентарни избори, таквата можност ќе се изгуби бидејќи во предлог Буџетот за 2019 година, кој е во фаза на изработка, не постои фискален простор за финансиска поддршка на општините, посочи Тевдовски.
Доколку не се изгласа ребалансот, нагласи, нема опасности за пензиите и за Здравствениот фонд.
– Пензиите во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани. Нема никаква дилема дека пензиите се приоритет и тие мора да бидат исплатени, рече Тевдовски во одговор на новинарско прашање.
Министерството за финасии, како што рече, е подготвено за сите сценарија и за секоја варијанта државата да ги исплаќа сите свои обврски дури и да влезе во времено финасирање. Доколку дојде до предвремени избори, додаде, постои начин да се финасираат и ако нема ребаланс.
– И досега сме имале предвремени избори и средствата за нивно реализирање се обезбедувале преку функции на држава. Тоа нема да биде никаков проблем. Овој ребаланс е подготвен за варијанта доколку нема избори, но ако има избори ние ќе обезбедиме средства за нивна реализација, посочи Тевдовски.