Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска оцени дека е „неопходно“ аеродромот во Кабул да остане отворен и вети дека нема да бидат заборавени оние кои се обидуваат да избегаат од талибанскиот режим во Авганистан по заминувањето на последните американски војници.
– Одржувањето отворен аеродром е од суштинско значење, како за да се обезбеди хуманитарна помош за народот во Авганистан, така и за да бидеме сигурни дека можеме да продолжиме со евакуација на луѓето, оние кои сакаат, но не можеа да си заминат, истакна Столтенберг.
Според него, НАТО е посветен на продолжување на работата за евакуација на Авганистанците.
– Нема да ги заборавиме, додаде Столтенберг.
Пентагон синоќа соопшти дека американската војска го напуштила Авганистан.