Белоруската опозиција е подготвена да ја прифати Русија како посредник доколку пропаднат напорите за решавање на политичката криза во земјата без меѓународна помош, изјави поранешната кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја за Еуроњуз.
– Ако ни треба странско посредување во преговорите, дефинитивно ќе ја гледаме Русија како еден од учесниците во процесот. Русија е земја со која имаме пријателски и блиски односи, рече Тихановскаја.
Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 9 август. Според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко освои 80,10 проценти од гласовите, додека Светлана Тихановскаја, која се смета за негов главен ривал, доби 10,12 проценти од гласовите.
Откако резултатите од излезните анкети беа објавени доцна на 9 август, почнаа масовни протести во центарот на Минск и другите градови, на кои имаше и судири меѓу демонстрантите и полицијата.