Рекордни 230 мостри за дегустација во рамките на меѓународниот фестивал ,,Тиквешка ракијада”
Рекордни 230 мостри пристигнаа за дегустација во рамките на меѓународниот фестивал Тиквешка ракијада. Вчера започна дегустирањето и оценувањето на доставените примероци, од страна повеќечлена интернационална комисија составена од стручни лица. Трета година по ред, организатор на манифестацијата е здружението за промоција на производи од грозје и вински туризам, ,,Ж’та-Македонски ракијари”.
– Радува фактот што расте интересот за учество на овој фестивал, како кај домашните, така и кај странските произведувачи на алкохолни пијалаци, рече за МИА, Панче Арсовски, претседател на здружението.
Нермина Спахо, професор доктор на Земјоделско прехранбен факултет во Сараево и член на жири, рече дека генерално, квалитетот на мострите е добар и немаат грешки.
Даворка Ѓукиќ Ратковиќ како доктор за јаки алкохолни пијалаци од Бања Лука која работи за дестилерија, посочи дека досега пробаните примероци се со доста добар квалитет.
– Инаку, квалитетот на македонските јаки алкохолни пијалаци е многу добар. Мене ми е задоволство да оценувам овде во Кавадарци, подвлече таа за МИА.
Зоран Вараѓанин член на комисијата за оценување кој доаѓа од Србија, истакна дека има многу добри, квалитетни мостри.
– Бевме овде и минатата година и можеме да заклучиме дека секоја нова година, квалитетот е подобар, нагласи тој.
Јожеф Пулаи, член на жири комисијата кој оценува и доаѓа од Војводина, исто така подвлече дека квалитетот на доставените мостри напредува од година во година.
– Апсолутно сум задоволен од квалитетот на ракиите што ги дегустираме и оценуваме. Произведувачите се исклучително добри, постојано учат и ги спојуваат традицијата со науката. Многу е јака и организацијата на овој фестивал, манифестација организирана на исклучително високо ниво, изјави Пулаи.
Професор доктор Михаил Петков од Факултет за земјоделски науки и храна од Скопје, исто како и неговите колеги оценувачи, рече дека има навистина добар квалитет, навистина добри примероци.
Се дегустираа и оценуваа мостри ракии произведени од регистрирани мали дестилерии и индивидуални производители.
– Ние како здружение на производители и мали дестилерии за јаки алкохолни пијалаци, го организираме фестивалот по трет пат, заедно со Вински музеј за регион Тиквеш во Кавадарци, под покровителство на градоначалникот и локалната самоуправа, а со поддршка и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, појаснија организаторите на манифестацијата, а главниот настан во рамките на фестивалот, ќе се одржи на 21 јуни.
Се оценуваат лозова жолта до три години и постара, лозова бела и мастика, овошни ракии од слива, диња, кајсија и крушка, ликери, џинови и други специјални ракии. За повеќе од седум пристигнати мостри на одреден вид ракија, се формира и посебна категорија за оценување.
Организаторот најави и награди. Инаку, оценувањето го врши единаесетчлена комисија на сертифицирани оценувачи од земјава, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Индија.
Пристигнати беа мостри од државава, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија, Словачка, Полска и Унгарија и други земји.
Ракија од домати и глуварче меѓу мострите за дегустација
Ракија од домати и глуварче има меѓу мострите за дегустација и оценување во рамките на ,,Тиквешка ракијада”, меѓународна манифестација што по трет пат се организира во градот на грозјето и производи од грозје, Кавадарци, во организација на здружението Ж’та, Македонски ракијари.
Денеска втор ден се дегустира и оценува, од страна на стручна меѓународна комисија, а меѓу пристигнатите мостри има и ракии од смоква, цреша, вишна, слива, кајсија, праска и други овошја.
– Ни пристигнаа рекордни 230 примероци од земјава и од Полска, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Унгарија. Освен традиционалната бела и жолта ракија од грозје, млада и одлежана, на натпреварот за најдобри ракии во повеќе категории, меѓу другото, добивме и разни видови мастика и узо, ракии од круша. Тука се и ликерите од орев, праска, диња, вишна, дуња, малина, појасни за МИА, Панче Арсовски, претседател на здружението.
Во категорија на останати специјални ракии, доставени се мостри на ракија од домати, смрекови врвови, глуварче, траварица, сува смоква, пелинковец, медова ракија.
Она што ги изненадило организаторите и жири комисијата, е фактот што на натпреварот пристигнала и словенечка мостра, светло зелена ракија од коноп или канабис. Тие се потсетија дека мината година исто така имаа несекојдневен примерок хрватски ликер од јајца на потполошка, што годинава добил високи оценки на престижен фестивал во странство.
Доделувањето на наградите на најдобрите ракијари, мали производители на ракија, ќе биде на 21 јуни во Вински музеј Кавадарци.